Еве кои пет дизајни конкурираат за титулата „ново светско чудо“

Пет впечатливи архитектонски концепти се најдоа во финалето на меѓународен натпревар чија цел е создавање на ново „светско чудо“. Изборот овојпат доаѓа со јасна мисија – да се поттикне глобалната борба против климатските промени.

Натпреварот е организиран од иницијативата Shift, социјално ориентиран проект, кој преку архитектурата сака да инспирира одржлив начин на живот и конкретна акција за иднината на планетата. За разлика од традиционалните знаменитости, новото „чудо“ не е замислено само како визуелен симбол, туку како простор што ќе понуди комбинација од уметност, едукација и одржливи решенија.

Во конкуренција беа повеќе од 80 пријавени тимови, а жирито одбра пет финалисти со различни, но подеднакво амбициозни концепти.

Еве кои се тие:

Urban Reef – органска структура инспирирана од морските екосистеми, која ги поврзува луѓето во динамичен простор

A Living Landmark – архитектура што ја спојува природата со урбаниот живот

The House of Shift – футуристички објект фокусиран на рециклирање, складирање јаглерод и енергетска неутралност

Rotterdam Rocks – „жива“ архитектура што создава урбан екосистем со зелени површини

Planetary Landmark for the Climate Age – интелигентен дизајн кој реагира на климатските услови и ги едуцира посетителите

Проектот треба да биде комплексен простор со културни и едукативни содржини, хотел и конференциски центар, создаден да понуди целосно доживување.

Победничкиот дизајн се очекува да биде избран во текот на 2026 година, а идејата е вакви објекти да станат модел за идни одржливи архитектонски решенија низ светот.

Овој натпревар ја потврдува новата улога на архитектурата, не само како естетика, туку како алатка за општествена трансформација. Во време кога климатските предизвици стануваат сè поитни, ваквите проекти покажуваат дека дизајнот може да биде клучен фактор во создавање поодржлива и посвесна иднина.