Инспиративната Селма Блер – храброста е најсилен моден додаток

Холивудската актерка Селма Блер уште еднаш докажа дека вистинскиот гламур не е само прашање на мода, туку и на внатрешна сила. Нејзиното појавување на Оскарите годинава беше силна порака за храброст, истрајност и прифаќање на сопствената приказна.

Блер веќе години се бори со мултиплекс склероза, болест која ѝ беше официјално дијагностицирана во август 2018 година, по долг период на симптоми и неизвесност.

Од тогаш таа отворено зборува дека токму тој момент за неа донел и олеснување. Во едно интервју, актерката искрено признава дека конечно се почувствувала видена, алудирајќи на периодот кога не го разбирала сопственото тело.

На црвениот тепих оваа година, Селма блесна во елегантна couture креација која совршено го отсликува нејзиниот препознатлив, суптилен гламур. Таа избра црн сатенски фустан со софистициран крој и драматичен отворен грб, надополнет со впечатливи детали-тенки синџирести прерамки.

Стајлингот беше заокружен со нежна шминка и фризура што ја истакнуваше нејзината природна елеганција.

Но, она што навистина го направи нејзиниот изглед незаборавен беше начинот на кој таа го носеше. Блер зрачеше со смиреност и самодоверба, покажувајќи дека стилот не е само во облеката, туку и во ставот.

„Понекогаш, ако имаме среќа, сме сè уште тука по сите тие години – и можеме да станеме подобри“, порачува таа, испраќајќи надеж до сите кои се соочуваат со слични предизвици.