Во секојдневниот говор, особено на пазарот на недвижности, сè почесто се слушаат изрази како „мек стан“ или „тврд стан“. Но, кога овие термини ќе се постават под лупа на архитектурата и градежништвото, станува јасно дека тие не постојат како официјална стручна терминологија. Наместо тоа, станува збор за популарни, неформални описи што произлегуваат од реални архитектонски и конструктивни разлики но се поедноставени за пошироката јавност.
Во професионалниот речник, архитектите и инженерите зборуваат за флексибилност на просторот, конструктивен систем, носивост на ѕидови, просторна организација и сеизмичка стабилност, категории што стојат зад оваа „мека–тврда“ терминологија.
Кога „меко“ значи флексибилно, а не нестабилно
Во архитектонска смисла, она што лаички се нарекува „мек стан“ најчесто се однесува на флексибилна просторна организација. Тоа се станови со минимален број носечки ѕидови, каде внатрешните прегради се лесни и можат да се менуваат. Овој концепт е тесно поврзан со модернистичката идеја за „отворен план“, простор што може да се адаптира според потребите на корисникот. Ваквите станови нудат поголема слобода во уредување, можност за трансформација на просторот, повеќе природна светлина и визуелна поврзаност
Но, оваа „мекост“ не значи конструктивна слабост. Напротив, носивоста е префрлена на столбови и греди (армирано-бетонски скелет), што овозможува внатрешноста да биде речиси независна од конструкцијата.
„Тврди“ станови, стабилност, но со ограничувања
Од друга страна, „тврд стан“ во неформалниот говор обично означува стан со крута, фиксна структура. Ова се простори каде голем дел од ѕидовите се носечки, што значи дека нивното рушење или поместување е речиси невозможно без сериозни интервенции.
Овој тип на организација е карактеристичен за постари згради или масовна станбена изградба од 20 век, каде конструкцијата и просторот се нераскинливо поврзани.
Предностите се јасна конструктивна стабилност, добра звучна и топлинска изолација (поради масивни ѕидови). Но, недостатоците се очигледни… Ограничена можност за адаптација, потешко модернизирање на просторот.
Каде навистина постои „мекост“ во конструкцијата
Интересно е што терминот „мек“ навистина постои во стручната терминологија, но не за станови, туку за згради. Во сеизмологијата и инженерството се користи поимот „soft storey“ (мека приземна етажа), кој означува ниво со помала крутост и отпорност, најчесто поради големи отвори (паркинг, локали).
Ова е критична точка при земјотреси, бидејќи токму таквите „меки“ нивоа се најранливи. Тука „мекоста“ не е предност, туку структурен ризик.
Пазарот, јазикот и поедноставувањето на архитектурата
Фактот што вакви термини се користат во огласи и разговори открива нешто подлабоко, обид сложената архитектонска реалност да се преведе на разбирлив јазик. „Мек стан“ станува синоним за современ, флексибилен и „луксузен“ простор, додека „тврд стан“ асоцира на стар, нефлексибилен, но „сигурен“ дом.
Но, ваквата поедноставеност може да биде и проблематична. Таа ги игнорира клучните фактори како квалитетот на конструкцијата, материјалите, сеизмичката отпорност, инженерските решенија.

Иако „меки“ и „тврди“ станови не се официјални архитектонски категории, тие не се ни целосно погрешни. Тие се народни интерпретации на вистински просторни и конструктивни разлики.
Во современата архитектура, трендот јасно се движи кон „мекост“ но не како слабост, туку како флексибилност, адаптабилност и интелигентно користење на просторот. Истовремено, инженерството инсистира на „тврдина“ таму каде што е најважно, а тоа е во конструкцијата.
Затоа, вистинското прашање не е дали станот е „мек“ или „тврд“, туку
колку е добро проектиран, колку е безбеден и колку може да се прилагоди на животот што се менува.
Н.Т
Кога „
„
Каде
Пазарот,