Ана Винтур со ќерката Би Шафер – редок моден момент во јавност

Ана Винтур, неприкосновената уредничка на Вог и една од највлијателните жени во светската модна индустрија, ретко дозволува јавноста да ѕирне во нејзиниот приватен живот.

Токму затоа секоја нејзина појава предизвикува голем интерес, особено кога е во друштво на членовите од нејзиното семејство.

На премиерата на “The Fear Of 13” на Бродвеј Ана дојде заедно со нејзината ќерка, Би Шафер. Иако не е личност која често се експонира во јавноста, Би сепак привлекува внимание со својот префинет и ненаметлив стил, кој се разликува од строгата естетика по која е позната нејзината мајка.

Младата дама изгледаше одлично во разигран, цветен фустан со чиста линија и женствен крој, во посветли тонови, комбиниран со суптилни додатоци и златни сандали.

За разлика од неа Винтур носеше елегантен макси капут-фустан со јасна силуета и апстрактни шари во три бои, заедно со светкави сандали што совршено одговараа на аутфитот.

Шафер има своја кариера надвор од модните магазини и се движи во театарската и продукциската сцена, каде гради сопствен професионален идентитет, независен од огромното влијание на мајка ѝ.

Би од 2018-та е во брак со италијанскиот режисер и фотограф Франческо Карочини, син на легендарната уредничка на Vogue Italia, Франка Сочани, со што се споија две од најпознатите модни династии.