„МАКЕДОНСКАТА ГЕРНИКА“- импозантна архитектура во срцето на земјава

 

Спомен-костурницата на паднатите партизани во Велес се наоѓа во непосредна близина на автопатот „Пријателство“ (А1) и претставува идеална можност за попатна пауза.

Идејата за градење на овој грандиозен споменик датира уште од крајот на Втората светска војна. Дел од средствата за негова изградба се собрани со доброволни прилози. Подигнат е во сеќавање на 378 паднати борци и 209 жртви на фашизмот од овој крај.

Темелот за споменикот е поставен во 1976 година, а објектот е завршен во 1979 година. Свечено е отворен на Денот на востанието, 11 Октомври 1979 година, од страна на претседателот на Здружението на борци на Југославија, Коста Наѓ.

Во ноември истата година биле пренесени посмртните останки на борците од Велес и Велешко од црквата „Св. Пантелејмон“ и сместени во Спомен-костурницата под централниот симбол кој претставува едно расцутено дрво што ја симболизира слободата. Тука се наоѓа и гробот на познатиот македонски поет Кочо Рацин.

Автори на Спомен-костурницата се Саво Суготин – архитект, Љубомир Денковиќ – скулптор (1936) и Петар Мазев – сликар (1927 – 1993).

Објектот претставува конструкција од армиран бетон. До него водат стрмни скали. Самата форма на споменикот претставува афионов цвет, кој во еден даден момент се распукнува, што симболизира раѓање на нешто ново, а присутна е и асоцијацијата на распукан шлем – симбол на победениот фашизам. Тоа е идејата на двајцата автори од Нови Сад: Денковиќ и Суготин.

Внатрешното ликовно обликување е претставено преку мозаикот на Мазев кој е еден од најголемите мозаични комплекси во Северна Македонија со над 220 метри квадратни. Тој е направен од природен и вештачки камен од венецијанска паста, во повеќе бои, преку кои едни од други се одвојуваат симболите и формите.

Претставува една композиција од пет слики преку кои авторот ни ја прикажува историјата на македонскиот народ, почнувајќи од турскиот период, па сè до повоениот југословенски период.

Поконкретно, петте слики обработуваат мотиви од турското ропство (данок во крв), Велес во меѓувоениот период како силно упориште на Комунистичката партија (во доминантна црвена боја), фашистичката окупација претставена со доминантен шлем во композицијата, победата на револуцијата олицетворена во жена со крената рака и повоената изградба.

За многу посетители овој мозаик претставува „македонската Герника“.