
Мет Гала повторно го претвори скалилото на Metropolitan Museum of Art во најексклузивната модна сцена во светот, место каде модата не е само облека, туку изјава, спектакл и културен коментар.
Изданието за 2026 година, под темата “Costume Art” и дрес-кодот “Fashion Is Art”, им даде на гостите речиси неограничена креативна слобода, да ја избришат границата меѓу телото, костимот и уметноста. Прашањето, сепак, останува дали таа слобода резултираше со вистинска интерпретација или со визуелен хаос?
Големото враќање и сигурните победи
Вечерта ја одбележа триумфалното враќање на Бијонсе, која по една деценија повторно се појави како ко-водител. Нејзиниот изглед, креација на Olivier Rousteing беше спектакуларна комбинација од кристален „скелет“ и драматична наметка со пердуви. Тоа не беше само фустан, туку перформанс. Таа ја разбра темата- телото како уметнички објект.
Истото важи и за Ријана, која во Maison Margiela (под водство на Glenn Martens) донесе архитектонска силуета со јасен арт-деко код. Скулптуралноста, драмата и концептот, сè беше на место.
Новата генерација: лична интерпретација на уметноста
Ема Чемберлин понуди поетска, речиси интимна верзија на темата, рачно насликан фустан инспириран од семејната уметност, што ја претвори модата во личен наратив.
Во исто време, Анок продолжи со својата доминација на црвениот тепих со архивски инспирирана Balenciaga креација, темна, мистична и историски прецизна.
Дебитанти што го привлекоа вниманието
К-поп ѕвездата Jisoo дебитираше во романтична Dior креација со флорална нарација, визуелно впечатлива, но поблиску до класична убавина отколку до радикална уметност. Слично, Карина во Prada внесе културен елемент преку ханбок-инспирација, што беше интелигентен, но побезбеден избор.
Според најголемите светски модни експерти- Кидман потфрли исто како и Венис Вилијамс кои беа како ко водителки.
Главниот човек на Мат гала- Ана Винтур носеше иста креација од 2019 година само во друга боја.
Лорен Санчез која со сопругот Џеф Безос ја презедоа улогата на покровители на настанот не избега од претеран сексапил.
Од друга страна, појавувањето на Мадона предизвика најголеми полемики.
Контроверзниот, но тематски мошне прецизен – изглед на кралицата на попот беше инспириран од делото The Temptation of St. Anthony на Leonora Carrington (1917–2011). Сликарката, припадничка на надреализмот, е родена во Обединетото Кралство, но најголем дел од животот го поминала во Мексико Сити, што одекнува со долгогодишната фасцинација на Мадона со Frida Kahlo и нејзиниот уметнички свет.
Сликата е создадена во средината на 1940-тите, како дел од натпревар организиран од режисерот Albert Lewin, кој поканил десет уметници да изработат дела што би се појавиле во филм. Меѓу учесниците биле и Salvador Dalí, Max Ernst и други значајни имиња од надреализмот.
Делата биле оценувани од истакнати фигури во уметничкиот свет, меѓу кои Marcel Duchamp, Sidney Janis и Alfred H. Barr Jr. од Museum of Modern Art.
Самата слика го прикажува страдањето на египетскиот светец Свети Антониј, детал што добива дополнителна тежина ако се земе предвид дека братот на Мадона, Ентони, моментално е сериозно болен. Фигурата што Мадона ја интерпретира во својот изглед е Кралицата од Шеба, опкружена со придружници.
Делото претходно било во сопственост на покојниот Lorenzo Zambrano (1944–2014), а во 2021 година било продадено на аукција преку Sotheby’s за околу 2 милиони долари.
Дополнително, друго дело на Карингтон, Les Distractions de Dagobert (1945), во 2024 година достигна цена од 28,5 милиони долари, поставувајќи рекорд за уметницата.
Дали темата беше погодена?
И тука почнува вистинската анализа.
Темата “Costume Art” бараше повеќе од убав фустан бараше концепт, ризик и јасна уметничка порака. Дел од ѕвездите ја сфатија задачата сериозно, создавајќи изгледи што функционираат како подвижни инсталации.
Но, значителен дел од гостите избраа „безбедна естетика“, убаво, носливо, но без длабочина. Наместо уметност, видовме луксуз. Наместо идеја, видовме тренд.
Со други зборови:
Мет Гала 2026 беше визуелно спектакуларна, но концептуално нерамномерна.
Контроверзии и „тихи скандали“
Иако без големи шокови како во некои претходни години, неколку моменти ја одбележаа вечерта:
„Премногу костим, премалку уметност“. Критичарите забележаа дека дел од гостите буквално ја сфатиле темата, појавувајќи се во театарски, но површни изгледи без вистинска концептуална подлога.
Доминација на архиви наместо иновација. Многу брендови се потпираа на минатото наместо да создадат нова уметничка визија.
Социјалните мрежи како судија. Неколку изгледи беа дизајнирани повеќе за „виралност“ отколку за темата, што отвори дебата дали Мет Гала станува спектакл за алгоритми наместо за култура?
Реинтерпретација, Мет Гала како огледало на времето
Мет Гала 2026 не беше само моден настан, беше јасен показател каде се движи индустријата. Модата денес сака да биде уметност, но истовремено се плаши да ризикува. Балансот меѓу креативноста и комерцијалноста никогаш не бил поочигледен.
И токму тука лежи суштината дека најдобрите изгледи не беа оние што беа најубави, туку оние што имаа став. Затоа што на Мет Гала, како и во уметноста-
не е доволно да изгледаш добро. Мораш да кажеш нешто.
Н.Т
Големото враќање и сигурните победи
Новата генерација: лична интерпретација на уметноста
Дебитанти што го привлекоа вниманието
Контроверзии и „тихи скандали“
Реинтерпретација, Мет Гала како огледало на времето