
Во теорија, модата е креативна индустрија. Во пракса, таа е економски систем што бара јасна инфраструктура, а тоа значи производство, дистрибуција, институционална поддршка и развиен домашен пазар.
Во Македонија, токму овој систем е еден од најслабите делови од приказната. Прашањето дали е одржливо да се биде дизајнер кај нас не се сведува на талент или амбиција, туку на структурна реалност која долгорочно ги ограничува сите учесници во индустријата.
Првиот проблем е отсуството на државна стратегија за модата како креативна индустрија. И покрај тоа што текстилниот сектор историски е еден од најсилните индустриски сегменти во земјата, државниот фокус останува речиси целосно на производство за странски брендови, а не на развој на домашни брендови со додадена вредност. Со други зборови, системот произведува, но не гради идентитет. Креативниот потенцијал останува надвор од економскиот круг на вредност.

Вториот слој на проблемот е индустриската дисфункционалност во однос на локалниот дизајн. Иако постои развиена текстилна база, таа е ориентирана кон масовно производство и извоз, што ги прави малите серии основата на секој независен дизајнер, скапи, тешко достапни или логистички неисплатливи. Така се создава парадокс, државата има индустрија, но нема индустриски услови за сопствена модна сцена.
Третиот и можеби најдиректен проблем е пазарната реалност. Македонскиот потрошувачки систем е доминиран од брза мода логика, каде цената има поголема тежина од дизајнот, а брендот од масовниот пазар често има поголема доверба од локалниот авторски израз. Во таква средина, дизајнерот не се натпреварува само со квалитет, туку со глобални синџири на евтина продукција кои функционираат со сосема различна економска скала.
Дополнително, недостигот од развиена модна инфраструктура ја продлабочува нестабилноста. Концепт-продавници се ретки, професионалната дистрибуција е ограничена, а интернационалната експозиција најчесто зависи од индивидуални напори, а не од системска поддршка. Социјалните мрежи стануваат примарен продажен канал, што значи дека дизајнерот истовремено мора да биде и бренд и маркетинг агенција и продажен тим.
Во ваков контекст, улогата на државата е индиректно критична, токму поради нејзиното отсуство. Наместо да го трансформира постоечкиот текстилен капацитет во креативна економија со висока додадена вредност, системот останува заклучен во модел на ниска маржа и висока зависност од странски нарачки. Тоа значи дека креативниот потенцијал се извезува, но не се капитализира дома.
Непријатно, но јасно! Во Македонија, модниот дизајн не пропаѓа поради недостаток на талент, туку поради недостаток на систем. Одржливоста постои само на индивидуално ниво, како изолирани случаи на успех, но не и како индустриска норма. Во ваков модел, дизајнерот не гради кариера во рамки на индустрија, туку опстојува покрај неа.
И токму тука можеби лежи најголемата слабост на системот, модата кај нас сè уште не е третирана како економија, туку како естетско хоби на поединци.
Небојша Толески