Зошто во Македонија често се облекуваме за другите, а не за себе?

Модата како огледало на општеството, а не на личноста

„Што ќе речат луѓето?“

Можеби нема реченица што толку силно влијаела врз начинот на кој се облекуваат Македонците како токму оваа. Таа е невидливиот советник во гардероберот, тивкиот судија пред огледалото и често посилна од личниот вкус, удобноста или индивидуалниот стил.

Во многу развиени модни култури облеката е средство за личен израз. Во Македонија, меѓутоа, таа сè уште многу често е средство за социјална комуникација. Не се облекуваме само за да се чувствуваме добро. Се облекуваме за да испратиме порака. Да покажеме статус. Да избегнеме осуда. Да се вклопиме. Или да докажеме нешто.

Зошто е така?

Кога општеството гледа повеќе од личноста

Социолозите одамна објаснуваат дека облеката не е само функционална потреба. Таа е социјален јазик. Францускиот социолог и филозоф Пјер Бурдје сметал дека вкусот никогаш не е целосно лична работа. Тој е производ на средината, воспитувањето и желбата да се припаѓа на одредена група. Во мали општества, какво што е македонското, оваа појава е уште поизразена.

Во Скопје, Битола, Штип или Охрид, луѓето често имаат чувство дека постојано се набљудувани. Не затоа што навистина некој ги следи, туку затоа што заедниците се релативно блиски и поврзани. Затоа облеката станува вид јавна изјава.

Кој автомобил го возите, каде летувате и што носите,  сè уште се дел од системот преку кој општеството ве проценува. Токму поради тоа многу луѓе избираат облека која ќе биде прифатена од околината, наместо облека која навистина ги претставува.

Психологијата на одобрувањето

Психолозите зборуваат за феноменот наречен „социјална валидација“. Тоа е човечката потреба да бидеме прифатени од групата.

Мозокот е еволутивно програмиран да бара припадност. Во праисториските заедници исклучувањето од групата можело да значи опасност или смрт. Денес не е така, но механизмот останал ист. Затоа многу луѓе несвесно се прашуваат: „Дали ова ќе им се допадне на другите?“ пред да се запрашаат: „Дали ова ми се допаѓа мене?“

Истражувањата покажуваат дека луѓето чувствуваат значително поголема анксиозност кога мислат дека ќе бидат негативно оценети поради изгледот.

Во средини каде што мислењето на околината има голема тежина, оваа потреба станува уште посилна. Па така, гардеробата изгледа како личен избор, но често е резултат на колективен притисок.

Балканскиот феномен на „дотерување за другите“

На Балканот постои длабоко вкоренета култура на претставување. Во многу западноевропски градови луѓето одат во ресторан, театар или на работа во едноставна комбинација без чувство дека мораат да импресионираат некого.

Кај нас, пак, дури и обично кафе може да стане мала модна сцена. Но не затоа што Македонците се површни. Напротив. Туку затоа што културата на претставување со децении била дел од општествениот код. Да изгледаш средено значело да покажеш дека си успешен, стабилен и почитуван.

Тоа наследство и денес влијае врз модните навики.

Финансискиот апект, статусот пред удобноста

Еден од најинтересните аспекти е економскиот.

Во Македонија често може да се забележи феномен каде луѓето инвестираат значителни средства во видливи симболи на статус, дури и кога тоа финансиски не е најразумната одлука. Скап телефон. Дизајнерска чанта. Луксузни патики. Лого што сите ќе го препознаат.

Економистите ова го нарекуваат демонстративна потрошувачка, купување производи не само поради нивната функција, туку и поради пораката што ја испраќаат. Во такви услови облеката станува средство за социјално позиционирање. Не е најважно како се чувствувате во неа. Поважно е како изгледате во очите на другите.

Зошто индивидуалниот стил тешко се развива?

Модните експерти често забележуваат дека македонскиот пазар има многу помал простор за стилски ризик отколку големите модни центри.

Причината не е недостаток на креативност. Причината е стравот од издвојување. Личниот стил подразбира храброст. Да носите нешто што можеби нема сите да го разберат. Да изберете крој што не е актуелен тренд. Да се облечете според себе, а не според очекувањата. Токму тука многумина се повлекуваат.

Не затоа што немаат вкус, туку затоа што не сакаат да станат предмет на коментари.

Македонските дизајнери и судирот со конформизмот

Македонија има модни дизајнери кои создаваат квалитетни и автентични парчиња споредливи со многу поголеми пазари. Но нивната најголема битка често не е производството. Ниту материјалите. Ниту квалитетот. Туку психологијата на купувачот.

Кога општеството повеќе го вреднува познатото отколку оригиналното, локалниот дизајн потешко доаѓа до израз. Луѓето полесно купуваат нешто што веќе го виделе кај другите отколку нешто што ќе ги направи поинакви.

Затоа многу дизајнери создаваат иновативни парчиња, но наидуваат на пазар кој често бара сигурност наместо индивидуалност.

Дали работите се менуваат?

За среќа, по се изледа одговорот е Да. Особено кај помладите генерации. Социјалните мрежи донесоа нова парадоксална ситуација. Од една страна го зголемија притисокот да изгледаме совршено. Од друга страна овозможија луѓето да видат илјадници различни стилови и начини на самоизразување.

Денес сè повеќе млади луѓе не се прашуваат што е модерно, туку што е автентично.

Полека се појавува нова идеја дека добриот стил не значи да изгледаш како сите други, туку да изгледаш како најдобрата верзија од себе.

На крајот, за кого навистина се облекуваме?

Модата отсекогаш била форма на комуникација. Никој не се облекува во целосна изолација од светот. Секогаш постои одреден степен на социјално влијание. Но разликата е во тоа кој ја носи конечната одлука. Ако гардеробата е создадена за да избегнеме осуда, тогаш облеката станува оклоп. Ако е создадена за да ја изрази личноста, тогаш станува идентитет.

Можеби најважното модно нешто во Македонија денес не е што е во тренд.

Туку дали кога ќе застанеме пред огледало се облекуваме за луѓето околу нас или за личноста што ја гледаме во него.

Небојша Толески