
Социјалните мрежи секојдневно произведуваат нови „икони на стилот“, ама вистинската жена со стил станува сè поретка појава. Не затоа што недостигаат убави жени. Не затоа што нема квалитетна облека. Туку затоа што стилот никогаш не бил прашање на гардероба. Стилот е прашање на карактер. И тоа би требало да е ошто познато.
Македонката со стил денес е ретка појава. Но кога ќе се појави, веднаш се препознава. Не мора да биде најблескава во просторијата. Не мора да носи најскапа облека. Не мора да ги следи сите трендови. Нејзината сила е во тоа што знае која е.
Од психолошки аспект, стилот претставува визуелна форма на личниот идентитет. Начинот на кој човек се облекува е продолжение на неговите вредности, ставови, вкусови и самодоверба. Психолозите одамна посочуваат дека луѓето создаваат прв впечаток во првите неколку секунди од средбата, а облеката е еден од најсилните невербални сигнали што ги испраќаме.
Токму затоа жената со стил не се облекува за да импресионира. Таа се облекува за да комуницира. Нејзината облека зборува за неа уште пред таа да проговори.
Во Македонија долго време постоеше тенденција стилот да се поистоветува со брендови, логоа и демонстрација на статус. Но вистинскиот стил никогаш не бил натпревар во цена. Тој отсекогаш бил натпревар во вкус.

Жената со стил знае дека елеганцијата не се купува. Таа се гради.
Од уметнички аспект, модата е една од најинтимните форми на уметност. Сликата виси на ѕид. Скулптурата стои на постамент. Но модата живее на човечкото тело. Таа се движи, дише и комуницира со околината.
Македонката со стил тоа добро го разбира. Затоа не носи облека што ја носи неа. Таа носи облека што станува дел од нејзината приказна.
Нејзините комбинации имаат баланс. Имаат композиција. Имаат чувство за пропорција. Знае кога да додаде драматичност, а кога минимализам. Кога да избере впечатлив детаљ, а кога да остави просторот да зборува сам за себе.
Токму во тоа се препознава култивираниот вкус.
Модниот аспект е можеби најинтересен. Зашто вистински стилските Македонки никогаш не биле робови на трендовите. Тие ги познаваат трендовите, но не им се покоруваат.

Знаат што им прилега на нивната фигура. Знаат кои бои ја нагласуваат нивната појава. Знаат дека не секој тренд е создаден за секого.
Најстилските жени во светот ретко се најтрендовски облечените жени во моментот. Нивната предност е што имаат личен визуелен потпис.
Истото важи и за Македонките со стил.
Тие можат да носат современи трендови, но секогаш ги адаптираат на сопствениот карактер. Никогаш не дозволуваат трендот да го избрише нивниот идентитет.
Една од најважните карактеристики на жената со стил е оригиналноста.
Во ера на масовно копирање, инспирацијата е нормална и природна појава. Секој дизајнер, уметник или креативец низ историјата бил инспириран од нешто или некого. Но постои огромна разлика меѓу инспирација и копија.
Жената со стил може да препознае убавина кај другите. Може да биде инспирирана од француска елеганција, италијанска женственост или скандинавски минимализам. Но на крајот секогаш додава нешто свое.
Таа не сака да биде туѓа верзија на себе.
Токму затоа највпечатливите Македонки со стил не копираат. Тие создаваат. Некогаш свесно, некогаш интуитивно, но секогаш оставаат личен печат. Можеби некој детал ќе потсети на светска естетика, можеби некоја силуета ќе асоцира на одредена модна школа, но конечниот резултат секогаш мора да има автентичност.
Бидејќи стилот не е способност да изгледате како некој друг.
Стилот е способност да изгледате како најдобрата верзија од самите себе.
И можеби токму затоа Македонките со вистински стил се ретки. Не затоа што немаат можности. Туку затоа што автентичноста секогаш била ретка категорија.
Но кога ќе сретнете жена која знае што сака, која има изграден вкус, која не трча по секој тренд, која ја носи облеката со самодоверба и која не се плаши да биде своја, тогаш знаете дека пред вас не стои само добро облечена жена.
Пред вас стои Македонка со стил. Ретка, но со визија.
Небојша Толески