Вистинскиот луксуз повеќе не се обидува да привлече внимание по секоја цена: Машката модна недела во Милано

Додека модната индустрија со години се натпреваруваше во спектакуларност, екстраваганција и визуелни ефекти, најновите машки колекции претставени на Модната недела во Милано испратија сосема поинаква порака. Наместо претерување, во фокусот се најдоа едноставноста, безвременскиот дизајн и облеката што може да опстане далеку подолго од една сезона.

Токму тоа беше заедничката нишка што ги поврза двете големи модни куќи – Прада и Ралф Лорен, кои преку своите најнови колекции понудија нов поглед кон современата машка елеганција.

ПРАДА: Враќање кон суштината

На ревијата одржана во Милано, Миуча Прада и Раф Симонс ја претставија колекцијата „Clarity“, концепт што ја слави потрагата по суштинското и значајното.

Наместо сложени конструкции и претерани декоративни елементи, дизајнерското дуо се насочи кон чисти линии, јасни форми и облека која треба да ја надживее моменталната модна возбуда.

„Нашата амбиција беше да создадеме нешто ново од речиси ништо. Против претерувањето, против непотребната комплексност и против бесмислениот дизајн“, порачаа Прада и Симонс.

Ревијата се одвиваше во футуристички амбиент осветлен со неонски линии поставени под подот, додека моделите чекореа низ простор што повеќе потсетуваше на визија за иднината отколку на класична модна писта.

Колекцијата беше изградена околу современа интерпретација на секојдневните парчиња. На пистата доминираа кожени јакни со скратен крој, тесни панталони и комплети инспирирани од тексасот, но изработени од луксузна кожа во нијанси на бордо, тиркизна, сива и крем бела боја.

Интересен детал беа и речиси проѕирните бели технички материјали, создадени како одговор на сè потоплите европски лета, како и плетените елеци со геометриски мотиви што внесоа графички ритам во колекцијата.

Особено внимание привлекоа малите чантички и футроли кои се носат на појасот, потврдувајќи дека практичноста останува еден од клучните трендови во машката мода.

„Паста помодоро“ како модна филозофија

Во една од најинтересните изјави пред ревијата, Раф Симонс ја спореди колекцијата со едно од наједноставните италијански јадења.

„Понекогаш сфаќате дека ви треба добра паста помодоро“, изјави дизајнерот.

Токму во таа споредба лежи суштината на новата Прада. Наместо постојано измислување нови визуелни шокови, брендот се враќа кон основните елементи на гардеробата и ги претвора во луксузни парчиња.

Интересно е што и самата Миуча Прада призна дека никогаш во животот не носела фармерки, додека Симонс откри дека по две децении повторно се вратил на овој класичен моден елемент.

Резултатот е новата Прада униформа: панталони со пет џебови, скратени јакни и беспрекорни сакоа што создаваат силна, вертикална и прецизна силуета.

„Сакавме повторно да ја поврземе модата со луѓето на улица, бидејќи најдобрите идеи отсекогаш доаѓале токму од таму“, објасни Симонс.

Ралф Лорен останува верен на американскиот сон

Додека Прада ја истражуваше иднината преку минимализмот, Ралф Лорен остана доследен на својата препознатлива естетика и понуди колекција што го слави американскиот стил.

Претставена во палатата на брендот во центарот на Милано, колекцијата за пролет/лето 2027 година беше патување низ различните лица на современиот американски луксуз.

Ревијата започна со префинети костуми и дводелни комбинации од престижната линија Purple Label, во неутрални и индиго тонови, каде класичниот крој беше омекнат со порелаксирани силуети.

Потоа следеше експлозија од бои преку Polo Ralph Lauren линијата, која понуди пачворк детали, текстурирани материјали и спортска енергија инспирирана од американското наследство.

„Отсекогаш сум создавал кинематографски светови и визуелни приказни кои ја слават индивидуалноста, креативноста и личниот стил“, порача основачот Ралф Лорен.

Сицилијански одмори на Долче & Габана

Модната куќа Долче & Габана повторно се сврте кон Сицилија, едно од своите најважни и најнепресушни извори на инспирација, претставувајќи ја машката колекција за лето 2027 година, во која доминираа лесни ткаенини, богати детали и медитеранска елеганција.

Колекцијата, насловена „Vacanze Siciliane“ („Сицилијански одмори“), беше претставена во сценографија инспирирана од брегот во близина на сицилијанскиот град Таормина. Просторот беше обликуван со променливи нијанси на светлина кои ги доловуваа различните периоди од денот, додека високите антички столбови дополнително ја нагласуваа атмосферата на медитеранското наследство.

Ревијата започна со модели облечени во црно, по што палетата постепено се отвораше кон побогати и посветли тонови, за на крајот да кулминира со целосно бели комбинации, во кои се појави целиот состав на модели.

Доменико Долче и Стефано Габана понудија гардероба создадена за летна софистицираност и безгрижна елеганција. Во колекцијата се истакнаа лесни костуми украсени со перфорирани цветни везови, тексас-панталони и јакни декорирани со шарени апликации што потсетуваа на скапоцени камења, како и кошули со принтови инспирирани од разгледници и препознатливите сицилијански лимони.

Аксесоарите имаа централна улога во колекцијата. Големите чанти изработени од кожа и различни природни материјали, како и богатата понуда на обувки, дополнително ја нагласија идејата за луксузно летно патување низ Медитеранот.

„Сицилија е почетната точка, изворот и душата на куќата, чиј креативен израз отсекогаш бил обликуван од светлината на островот, неговата култура, контрастите и занаетчиската традиција“, соопшти брендот во придружните белешки за колекцијата.

Основана во 1985 година, модната куќа Dolce & Gabbana во моментов спроведува процес на рефинансирање и преговори за реструктуирање на долгот со банките. Во април годинава компанијата го назначи Стефано Кантино за ко-извршен директор, кој ќе ја дели функцијата со актуелниот извршен директор Алфонсо Долче, откако Стефано Габана претходно се повлече од позицијата претседател на компанијата.

Од брендот тогаш нагласија дека неговото заминување од управувачката функција нема да има никакво влијание врз неговата креативна работа, па Габана и понатаму останува една од клучните сили зад препознатливата естетика на Dolce & Gabbana.

Луксуз без претерување

Иако Прада и Ралф Лорен имаат различни естетики, нивните најнови колекции испраќаат идентична порака. Долче и Габана си поиграа со многу детали (како и секогаш)

Најголемите имиња во индустријата повторно ја откриваат вредноста на едноставноста.

Безвременските кроеви, квалитетните материјали и јасната силуета повторно стануваат поважни од краткотрајните трендови.

А токму тоа можеби е најзначајната модна порака од Милано оваа сезона: вистинскиот луксуз повеќе не се обидува да привлече внимание по секоја цена. Наместо тоа, тој зборува тивко, но остава впечаток што трае многу подолго.

Н.Т