
Mадона повторно се најде на насловната страница на списанието Interview, каде во обемно интервју разговара со главниот уредник Мел Отенберг за својата кариера, приватниот живот и новите проекти.
Само неколку недели пред објавувањето на нејзиниот нов албум „Confessions II“, Мадона учествуваше во фотосесија во која глуми домаќинка по име Ди Ди. Во разговорот таа отвора бројни теми – од своите почетоци во Њујорк, до личните предизвици и идните планови.
Ова е единаесетти пат Мадона да се појави на насловната страница на списанието, што претставува рекорд. Таа се потсетува и на разговорите што ги водела со основачот на списанието, Andy Warhol.
Седум најинтересни откритија од интервјуто
Телевизиска серија за животот на Мадона сè уште е во подготовка
Мадона откри дека поминала две години пишувајќи сценарио за биографски филм за својот живот и кариера. Сепак, проектот бил стопиран откако студиото не одобрило доволно голем буџет.
Сега работи на нова верзија во соработка со Netflix, но поради проблеми со авторските права морале повторно да почнат од почеток со нов сценарист.
„Имав огромен живот, па затоа ми требаше и огромен буџет“, изјавила таа.
Во студио влегла во тежок период од животот
По пропаѓањето на филмскиот проект, Мадона го контактирала продуцентот Stuart Price со идеја да создадат продолжение на албумот Confessions on a Dance Floor од 2005 година.
Во тоа време се соочувала со повеќе лични загуби и предизвици, вклучувајќи ја смртта на маќеата, болеста и подоцнежната смрт на нејзиниот брат Кристофер, како и затегнатите односи со ќерката Лурдес.
Една од песните на новиот албум е напишана токму во соработка со Лурдес.
Откри нови детали за своите почетоци
Мадона подетално раскажала како успеала да добие една од своите први големи шанси во кариерата, убедувајќи го диџејот Mark Kamins да ја пушти нејзината демо-снимка во легендарниот клуб Danceteria.
Таа поотворено од кога било зборува за нивните рани средби и за тоа колку тие биле важни за нејзиниот подем на музичката сцена.
Stromae е гостин на новиот албум
Белгискиот музичар Stromae се појавува на песната „My Sins Are My Saviour“.
Уметникот, кој досега има објавено три студиски албуми, последен пат го издаде Multitude во 2022 година.
Годините танцување оставиле последици
Мадона призна дека долгогодишните настапи сериозно влијаеле врз нејзините колена.
„Имам лошо колено. Немам повеќе ‘рскавица во него“, рекла таа.
Проблемот го поврзува со децении танцување во високи потпетици, трчање по асфалт и практикување аштанга јога.
Денес својата форма ја одржува со Peloton велосипед, VersaClimber тренинзи и високоинтензивни кружни вежби.
Една соработка не влегла на албумот
Пејачката откри дека песната „What Will Save Me“, создадена во соработка со Stuart Price и Arca, не се нашла на конечната листа на песни.
Темата на композицијата била чувството на заедништво што се создава на подиумот за танцување.
Во моментов живее во Лондон
Мадона вели дека има навика да го менува местото на живеење на секои неколку години.
По периодите поминати во Њујорк, таа моментално живее во Лондон.
Според неа, Њујорк денес е многу потивок град отколку во времето кога таа ги правела своите први чекори на музичката сцена.
Седум најинтересни откритија од интервјуто