Според модните стилисти, проблемот не е во тоа што имаме премалку облека, туку што купуваме парчиња кои тешко се комбинираат меѓусебно. И за тоа постои решение…
Купувајте комбинации
Еден од најчестите совети на стилистите е никогаш да не купувате облека само затоа што ви се допаѓа. Водете се од „правилото на три“, – ако не можете да замислите барем три различни комбинации со новото парче, веројатно нема често да го носите.
Инвестирајте во основни парчиња
Наместо постојано да купувате трендови, подобро е да имате квалитетни основни парчиња: добро скроени фармерки, бела кошула, еднобојни маици, блејзер, ленени панталони и класични обувки. Токму тие се основата на гардеробата и лесно се комбинираат со сезонски трендови.
Пронајдете го својот стил
Најголемата причина за импулсивно купување е следењето на секој нов тренд. Кога знаете кои кроеви, бои и материјали најмногу ви одговараат, многу полесно е да кажете „не“ на парчиња што ќе останат заборавени во плакарот.
Размислувајте за квалитет
Еден квалитетен блејзер што ќе го носите со години често е подобра инвестиција од неколку евтини парчиња што ќе ги облечете само еднаш или двапати. Затоа размислувајте во таа насока, секогаш кога ќе посегнете по некое парче облека.