
Македонија со години се бори со највисоки нивоа на аерозагадување, (со години сме на самиот светски врв) а еден од сериозните, а често премолчувани фактори за овој еколошки проблем е и неконтролираното палење на текстилниот отпад од индустриските капацитети.
Додека тони остатоци од ткаенини завршуваат на дивите депонии или се користат како евтин енергенс за греење, на истата таа сцена се раѓа нов, пркосен бран- млади локални дизајнери и активисти кои преку методот на upcycling (пренамена и редизајн на стара облека) и одржливо производство се обидуваат да изградат модна свест.
Дали оваа зелена иницијатива е само романтична иронија во суровата македонска реалност, или пак го означува почетокот на вистинска локална модна револуција?
Текстилниот парадокс: Од палење отпад до моден пркос
Официјаните еколошки извештаи и анализи на граѓанските организации кои го следат загадувањето на воздухот во градови како Тетово, Штип и Скопје, со децении укажуваат дека текстилниот отпад е меѓу најголемите загадувачи кога несоодветно се третира.
Штип како центар на македонската текстилна индустрија генерира тони отпаден материјал годишно. Кога овие синтетички материјали содржат пластика, бои и хемикалии, нивното согорување ослободува канцерогени диоксини и дијаметарски честички (PM10 и PM2.5) кои директно го загрозуваат здравјето на граѓаните.
Во средина каде што концептите како Fast Fashion (брза мода) сѐ уште доминираат во шопинг-центрите, малата заедница на локални креативци нуди радикална алтернатива. Наместо купување нов евтин полиестер од глобалните синџири, тие практикуваат деконструкција, земаат стара облека, заборавени текстилни парчиња од домаќинствата или индустриски остатоци и ги претвораат во уникатни модни парчиња од висока естетска вредност. Тука се и луксузните наши (еден или евентуално два) брендови кои имаат лимитирани серии и работат costum made, што автоматски значи дека не ја загадуваат околината.
Што велат авторитетите на модната сцена?
Активистите и дизајнерите кои ја застапуваат одржливата мода во Македонија и регионот нагласуваат дека ова го надминува концептот на обичен тренд.
„Upcycling не е само естетски избор, туку моден протест. Во земја каде што текстилот се фрла и гори, секое преработено парче облека е директен удар против загадувањето и конзумеризмот. Не ни требаат повеќе нови облеки, ни треба нов начин на размислување.“
-Активистички став од локалната зелена модна сцена
Експертите од областа на дизајнот и модниот менаџмент појаснуваат дека најголемиот предизвик не е самата креативност, туку промената на менталитетот на купувачите:
„Македонскиот купувач традиционално е навикнат на квантитет пред квалитет. Сепак, помладите генерации почнуваат да разбираат дека да носиш ‘upcycled’ парче значи да носиш приказна, уметност и еколошка одговорност. Тоа е идентитет, а не само гардероба.“
Иронија или револуција: Каква е иднината?
Реалноста е двојна:
Иронијата лежи во фактот што микро-заедницата на одржливи брендови не може сама да го неутрализира огромниот јаглероден отисок на глобалната брза мода ниту да го запре индустриското палење отпад без системски регулативи и построги инспекциски контроли.
Револуцијата, од друга страна, е во културолошкиот поместување. Локалните брендови успеваат да докажат дека одржливоста не мора да биде здодевна или скапа, туку може да биде урбана, автентична и софистицирана.
Преку организирање базари за размена на облека, едукативни работилници за редизајн и промоција на бавна мода принципи, оваа млада заедница докажува дека модата во Македонија може да биде дел од решението, а не од еколошкиот проблем.

За да прерасне од симболичен пркос во вистинска системска промена, неопходно е државните институции да воспостават подобри механизми за рециклирање на текстилот, а индустријата да ги поддржи локалните креативци и брендови. Дотогаш, секое редизајнирано парче облека останува мала, но значајна победа за почист воздух и посвесна модна иднина.
Небојша Толески