Облека што најмалку се гужва – идеална за патувања

 Полниот куфер не е секогаш најдобро решение. Понекогаш неколку внимателно избрани парчиња од вистинските материјали можат да ни овозможат многу комбинации.

При патување особено е важно да избираме материјали кои ја задржуваат формата и не се туткаат лесно по неколку часа поминати во транспорт.

Лен – природен избор за летните денови

Ленот е лесен, природен и овозможува кожата да дише дури и во најтоплите денови. Иако чистиот лен има тенденција да се гужва, тоа не е недостаток што го намалува неговиот шарм – неговата лежерна текстура е дел од природниот, опуштен летен изглед. За патување особено практични се парчињата од мешавина на лен со памук или вискоза.

Вискоза – материјал кој изгледа елегантно

Вискозата е одличен избор за жените кои сакаат удобност, но не сакаат да се откажат од елегантниот изглед. Таа убаво паѓа на телото, создава женствена силуета и често изгледа многу поскапо отколку што навистина чини.

Парчињата со вискоза се идеални за одмор бидејќи се пријатни за носење, а обично не се гужваат толку лесно како класичниот памук.

Материјали со еластин

Мал додаток на еластин во материјалот може да направи голема разлика. Облеката со малку растегливост полесно се приспособува на телото, не се тутка лесно и подобро ја задржува формата по долго седење. Токму затоа, мешавините како памук со еластин или вискоза со еластин се многу практични за патувања.

Кои материјали да ги избегнувате

Чистите памучни кошули, многу тенките свилени парчиња и материјалите кои се многу нежни често бараат повеќе грижа и можат брзо да изгледаат изгужвано. Подобро е да изберете парчиња кои имаат природно лежерен изглед или материјали кои ја задржуваат формата.

Не го преполнувајте куферот, бидејќи силниот притисок создава повеќе набори. Потешките парчиња ставете ги подолу, а полесните оставете ги најгоре.