Македонската продуцентка и актерка Лабина Митевска е добитник на годинашната награда Еуримаж за меѓународни копродукции од „Еуримаж“ и Европската филмска академија. Митевска беше почесен гостин на гала-приемот на 37. Европски филмски награди во Луцерн, каде што лично ја прими доделената награда.
„Многу ретко можам да зборувам на македонски. Ви благодарам поради ова. Пред 25 години долго време бев прва жена продуцентка, а сестра ми Теона беше прва режисерка. Ни требаа години и години да се докажеме во многу мачо балканското општество. Бевме жени и сакавме промена – да докажеме дека филмот не е само и ексклузивно за машки филмски професионалци. Сакавме да правиме европски копродукции со вклучување повеќе жени и најважно, сакавме да правиме бескомпромисни филмови. Не беше лесно и уште не е. Но верувавме дека уметноста, филмот ќе го промени светот. Денеска, исто така, веруваме дека филмот ќе го промени светот, ќе ни даде друга перспектива на светот“, рече Лабина на церемонијата на доделувањето на Европските филмски награди.
Оваа награда, според жирито, ѝ се доделува на Митевска како почит кон дарбата на една семејна продукција, страсно посветена на европската кинематографија.
Наградата за меѓународни копродукции „Еуримаж“ ја доделува Европската филмска академија во соработка со „Еуримаж“, заедно со Фондот за поддршка на културата на Советот на Европа.
Оваа награда ја потврдува клучната улога на копродукциите во зацврстувањето на меѓународната размена и претставува награда од национален интерес за македонската кинематографија.