Во фото-сесија за GQ Новак Ѓоковиќ докажа дека стилот и успехот одат заедно

Новак Ѓоковиќ, тениска легенда и освојувач на 24 Гренд Слем титули уште еднаш пред светот покажа дека неговото чувство за стил e беспрекорно. Во интервју и фото-сесија за британскиот магазин GQ, Ѓоковиќ докажа дека покрај тоа што доминира на тениските терени, знае да издоминира и во светот на модата.

Фотографиран покрај идиличниот Залив на Котор во Црна Гора, Ѓоковиќ носи облека претежно на брендот Lacoste, на кој е и заштитно лице.

Посебно се издвојува неговиот стајлинг на палубата на елегантната јахта, покрај драматичниот пејзаж, каде со неутрална палета и минималистички пристап, неговиот изглед носи суптилна софистицираност и беспрекорен стил.

Во комбинација од бела јакна со структуриран крој, лесно морнарско сино поло и класични бели шорцеви, Ѓоковиќ ја доловува суштината на модерната елеганција. Во оваа комбинација може да забележиме дека луксузот е во деталите: лесни материјали кои го нагласуваат движењето и удобноста, додека крем еспадрилите додаваат автентичен шмек што совршено го заокружува неговиот изглед.

Фотографијата зрачи со релаксирана самодоверба, а едноставноста на комбинацијата е совршен спој со амбиентот на Јадранскиот брег. Изборот на боите е инспириран од природата – крем нијанси кои го рефлектираат песокот, сино како морските длабочини и бело што ја симболизира чистотата.

На 37 години, Ѓоковиќ на фото-сесијата изгледа посмирен и посигурен од кога било досега. Секој негов потег, од внимателното избирање на појадокот, до грижата за своите деца, зрачи со прецизност и грациозност – истите квалитети што ги пренесува и во својот стил.

Во случајот на Ѓоковиќ, стилот е повеќе од облека. Тој е одраз на животната филозофија што ја гради низ годините – и како шампион на тенискиот терен и како глобална икона.

Без разлика дали се залага за подобрување на правата на играчите, ги развива своите претприемачки проекти или ужива во сладолед и чаша добро вино, Ѓоковиќ докажува дека стилот и успехот одат рака под рака.

Изгледот на Ѓоковиќ прикажан во Котор е идеална инспирација за оние кои сакаат гардероба што комбинира едноставност и префинетост.

Изберете неутрални нијанси, квалитетни основни парчиња и внимателно одбрани додатоци. И запомнете – вистинската самодоверба е најважниот моден детаљ.

Извор- www.gq-magazine.co.uk

Повеќе фотографии од Новак Ѓоковиќ од фото-сесијата за GQ се достапни тука:

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian