Caroline Handmade -гламурозни меки куклички кои се спој на уметност и игра

Триесет и две годишната Ивет Царо Илјази, ја претвори својата детска љубов кон порцеланските кукли во бренд кој ги спојува уметноста и играта. Caroline Handmade создава меки, гламурозни куклички кои носат радост и восхит. Во ова интервју, Ивет го открива својот креативен пат и објаснува како преку психологијата и маркетингот создава симбиоза со уметноста. Низ разговорот дознаваме како се раѓаат нејзините креации, кои емоции ги инспирираат, и како успева да ја задржи уметничката автентичност на својот бренд.

Прочитајте како таа ги користи своите знаења и талент за да го изгради брендот Caroline Handmade и во која насока планира тој да се развива.

  1. Како започна вашата приказна, што Ве инспирираше да креирате рачно изработени кукли со толку гламурозна естетика?

Еднаш како дете, добив порцеланска кукла на подарок. Многу ѝ се израдував, беше прекрасна, величествена, но дружбата ни заврши бргу бидејќи играјќи ѝ ја скршив ногата. Оттогаш, секоја добиена порцеланска кукла красеше полици високо во мојата детска соба, но јас не си играв со нив од страв да не ги скршам. Сега ми е жал што сум дозволила во детството стравот да ме спречи да уживам во играта со кукли. Затоа ги создадов Caroline меките куклички. Тие се целосно изработени од текстилни материјали и иако се гламурозни и инспирирани од порцеланските кукли, наменети се за игра.

  1. Можете ли да ни го опишете вашиот креативен процес, од изборот на материјали до додавањето на елегантните финални детали?

Создавањето на секоја кукла започнува во креативниот хаос во мојата глава. Понекогаш ме инспирира самиот материјал со некој посебен дезен. Некогаш тоа е нова боја на волна за изработка на коса која ќе ми биде водилка за дизајнот на целата кукла. Но, најчесто инспирацијата е некое мое внатрешно чувство во моментот додека работам на куклата.

Практичниот дел започнува со кроење и шиење на телото на кукличката. Ликот се везе рачно, а потоа се шие и додава косата. Најголем предизвик е облекувањето на куклата и пронаоѓањето на вистинските детали – пеперутки, бисери, додатоци за коса и балетанките кои доаѓаат на крај.

  1. Колку време правите вакви рачни изработки и колку вашата професија е врзана со ова што го работите?

Caroline Handmade ова лето ќе слави 5 години откако првата кукла го најде своето место под сонцето. Започна како мој креативен вентил додека бев на породилно отсуство без работа, и расте заедно со мене секојдневно. Јас завршив психологија, но никогаш немав среќа да работам по струка бидејќи уште за време на студиите се вљубив во пишувањето и почнав да работам во маркетинг. Сега го користам тоа искуство од скоро 10 години, за да ја ткаам мојата и приказната на куклите. Но, вистината е дека позадината на создавањето кукли, за мене има некоја психолошка нишка. Психологијата веќе години наназад ја користи играта со кукли како алатка за децата полесно да ги искажат своите чувства, да раскажат како им поминал денот и да развијат подобра комуникација. Постојат истражувања кои нагласуваат дека играта со кукли поттикнува и развивање на емпатија кај децата, чувство кое сѐ повеќе недостасува кај младите генерации.

Мојата надеж е дека преку играта со кукли ќе успееме да создадеме поемпатични генерации и дека ќе им се доближиме на децата да развијат здрава комуникација. Затоа, можеби од време навреме, не е лошо да се заменат игрите на телефон со игри со кукли. Можеби сите ќе научиме по нешто.

  1. Како успевате да го одржите уметничкиот квалитет на вашите кукли, а истовремено да ги исполните барањата на вашите клиенти?

Моите технички способности во креирањето се многу напреднати од почетокот до денес, па некои работи ги завршувам многу побргу денес отколку во минатото. Но, си го земам времето кое ми е потребно за да ја изработам куклата, за таа да биде совршена. Клиентите тоа го разбираат, ценат и знаат. Затоа многумина одново се враќаат со нова нарачка и тоа многу ме радува.

  1. Која ваша изработка ја сметате за ваш најголем личен успех?

Не би можела да издвојам конкретна кукла и да речам, токму оваа е мојот најголем успех. Но, многу ми е убаво на душичката кога клиентите не се сомневаат во мојот избор, им се допаѓа мојата естетика и имаат доверба дека крајниот резултат ќе биде феноменална, целосно погодена кукла. Тоа чувство за мене е бесценето.

  1.  Многу од вашите кукли изгледаат како да имаат уникатни личности. Како внесувате индивидуалност и карактер во секоја ваша креација?

Веројатно ова е мојата приказна, а секоја приказна има свои ликови. Фасцинантно е како секоја кукла добива своја позадина, карактер, индивидуалност, а тоа е процес кој јас не знам да опишам како се случува. Некогаш во кукличката е пресликано девојчето за кое е наменета. Некогаш е девојчето на кое јас сум си замислила дека ќе му се допадне баш таа кукла. Ова и за мене е енигма, но функционира.

  1. Кога ќе помислите на иднината, каде го гледате вашиот бренд?

Планови имам неколку, но соништа имам многу. Сонувам за поинтерактивни кукли, работилници за креирање кукли од почеток до крај, куклени претстави, костими за девојчиња кои сакаат да изгледаат како Caroline кукли, сликовници. Засега работам на реализација на катче во кое ќе бидат изложени куклите и сите кои ќе сакаат ќе можат да дојдат да ги видат, да си изберат па дури и да се поиграат со нив.

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian