Во духот на поддршката што Драмски театар Скопје ја имал во минатото со поставување на театарски претстави на драмски текст на млади автори, од оваа година ја востановува наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор до 30 години возраст.
Наградата за најдобар драмски текст од македонски автор до триесет години ќе го носи името „Горан Стефановски“ и ќе се избира по пат на Конкурс во кој е опишана формата и содржината на пријавата за конкурирање, како и начинот на спроведување на постапката за избор.
„Конкурсот ќе биде јавно објавуван секоја година преку медиумите и на веб страната на НУ Драмски театар Скопје. Рокот за поднесување на пријава и останатата потребна документација е 15 дена од денот на објавувањето на Конкурсот. За спроведување на изборот за најдобар драмски текст од македонски автор на возраст од 30 години е задолжена Комисија од 5 члена, а авторот на наградениот драмски текст ќе биде објавуван на прес конференција во пресрет на 27 април, денот кога бил роден Горан Стефановски. Право на учество на Конкурсот за избор за најдобар драмски текст од македонски млад автор на возраст до триесет години имаат автори кои се македонски државјани и се на возраст до 30 (триесет) години, сметано до денот на завршување на пријавувањето.“- информираат од Драмски театар Скопје.
Конкурсот има за цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо. Пријавениот драмски текст треба да биде неизведуван и да биде оригинално авторско дело, а не драматизација или адаптација на романи, новели или мотиви на постојни драмски дела.
Добитникот на наградата ќе потпише Авторски договор со НУ Драмски театар Скопје согласно кој театарот се обврзува да го инкорпорира наградениот драмски текст во предлог-програмата на театарот и да го продуцира со изведба на малата сцена или на сцената „Ристо Стефановски“ во театарот во рок од две години сметано од денот на завршување на Конкурсот. Добитникот ќе добие еднократна парична награда во висина од 60.000,00 денари, а Авторот се обврзува да не го отуѓува текстот поточно авторското право на други правни и физички лица сè до праизведбата во НУ Драмски театар Скопје.
Директорот Роберт Вељановски ја истакна радоста и едногласната подршка на ансамблот што токму Драмски ја востановува наградата „Горан Стефановски“ од причина што и Горан го имаше Драмски за „свој театар“. Од 1974 година кога се постави праизведбата на „Јане Задрогаз“ во режија на Слободан Унковски до праизведбата на „Огнени јазици“ исто така во режија на Слободан Унковски“ во 2013 година, на сцената на Драмски театар се поставени импресивна бројка од 15 негови премиери, а осум од нив се праизведбени постановки.