Ања Тејлор-Џој не знае за здодевност – таа секогаш внесува свежина, авангарда и уникатност во своите модни избори. Актерката приреди вистинско модно шоу на улиците на Њујорк, потврдувајќи дека стилот е уметност, а облеката – платно за креативност.
Тејлор-Џој со својот стајлинг повторно ја воодушеви модната јавност со изглед кој вешто си игра со пропорции, форми и текстури.
Ѕвездата на „The Queen’s Gambit“ овојпат носеше јакна изработена од мека, кафена кожа, која на специфичен начин комбинираше елементи од моторџиска јакна и софистицирана пелерина. Контрастот помеѓу структурираниот горен дел со спортски патенти и флуидниот, раскошен крој создаде впечатлива визуелна хармонија.
Под јакната, Тејлор-Џој избра игрив и динамичен слој – балон здолниште во класична црна боја, кое додаде волумен и драма на стајлингот, додека најлонските бајкерски шорцеви внесоа спортски момент и неочекувана доза на урбан шик.
За финален допир, актерката се одлучи за стилски минимализам во обувките – бели кожни чевли со кружен отвор во средината, суптилно затворен со златно копче.
Со овој смел и уметнички осмислен изглед, Ања Тејлор-Џој уште еднаш докажа дека модата е повеќе од облека – таа е начин на изразување, игра без правила и поле за безгранична креативност.