По годината на впечатливи здолништа, панталоните ја враќаат својата водечка улога во гардеробата во 2025. Оваа година, колекциите од модните писти покажаа дека панталоните не се само формална облека, туку и вистински израз на личен стил, удобност и функционалност.
Што ќе биде во тренд? Очекувајте класични модели, но и смели изданија. Повторно се враќа хибридниот модел здолниште над панталони, инспириран од спортски и елегантни комбинации. Во мода се и тенките панталони – нешто помеѓу цигара-крој и прави панталони, како што видовме кај Prada и Altuzarra.
Широките панталони остануваат омилен избор, но сега доаѓаат со ултра висока половина, како во колекциите на Khaite и Saint Laurent. За оние што сакаат динамичност, каро-дезените се враќаат на голема врата, предводени од брендовите како Chopova Lowena.
Не го забораваме ни удобниот стил. Луксузните тренерки внесуваат елеганција во лежерната облека, а во игра ќе бидат и широки панталони со висока половина, што ја нагласуваат силуетата додека нудат максимална удобност.
Тенки панталони
Елегантни, софистицирани и вечно модерни, новите тенки панталони се дефинирани со суптилна структура. Идеални се за создавање префинет изглед – комбинирајте ги со балетанки и плетен џемпер за стил инспириран од Одри Хепберн или со чизми за понагласен ефект.
Луксузни тренерки
Комбинирајќи удобност и елеганција, овие панталони доаѓаат во меки ткаенини, со истакнати шевови и суптилен брендинг. Одлични се со патики за лежерен изглед или со потпетици за спортско-елегантен ефект.
Здолниште-над-панталони хибрид
Овој смел изглед спојува структуирани панталони со слоевити здолништа, создавајќи впечатлив моден изглед. Одлично изгледа со преголем џемпер или струкирано палто.
Лежерни прави панталони
Совршена рамнотежа помеѓу удобност и софистицираност, овие панталони имаат опуштен, но дефиниран крој. Носете ги со бела кошула и мокасини за класичен изглед или со бомбер-јакна и патики за урбана вибрација.
Карo-дезени
Класичен, но забавен избор, каро-панталоните носат доза на игривост во гардеробата, тие нудат бесконечни можности за стилизирање. Носете ги со едноставна црна ролка за минималистички ефект или комбинирајте повеќе принтови за посмел изглед.
Широки панталони со висока половина
Опуштениот крој и нагласената половина создаваат совршена силуета. Овие панталони се удобни и шик – комбинирајте ги со корсет за драматичен контраст или со предимензионирано палто за смел изглед.
Панталоните дефинитивно повторно се во фокусот оваа година– кој тренд вие ќе го одберете?
Извор: Vogue.co.uk