Осми март: Време е да ги надминеме стереотипите за жените

Денеска се слави 8 Март – Меѓународниот ден на жената, симбол на долгогодишната борба за економска, политичка и социјална рамноправност. Иако законите во Македонија гарантираат еднаквост, реалноста покажува дека жените сè уште не се третирани рамноправно во сите сфери на општеството.

„Најголемата пречка лежи во длабоко вкоренетите стереотипи – не само оние што жените ги имаат за себе, туку и оние што им ги наметнува општеството“, вели Савка Тодоровска, претседател на Националниот сојуз за родова рамноправност. Таа потсетува дека иако има закони за заштита на правата на жените, нивната примена останува предизвик. Таа посочува дека за положбата не жените во нашата земја силно говори фактот дека од 81 градоначалник во земјата, само две се жени, а во актуелната Влада има само три министерки.

Жените во Македонија и натаму се соочуваат со разлики во платите и ограничен пристап до лидерски позиции. Делумно, тоа е резултат на традиционалните очекувања, тие почесто земаат слободни денови за грижа на семејството и поретко патуваат службено.

„Жените и општеството треба да ги почитуваат работничките права, бизнис-секторот да им даде еднаква шанса, а жените да ги почитуваат и своите обврски кон работодавачите. Да не заборавиме – денес го славиме празникот на жената работничка!“, порача Тодоровска.

8 Март се слави во чест на храбрите текстилни работнички од Њујорк, кои во 1857 година протестирале за подобри работни услови и еднакви права. Обединетите нации официјално го признале празникот во 1975 година, а денес тој се одбележува низ целиот свет како потсетник дека борбата за вистинска рамноправност сè уште не е завршена.

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian