Александар Тарабунов и магијата на „Француски вагони“ со ELENA LUKA

Македонската музичка сцена добива нов, свеж и креативен момент со песната на Александар Тарабунов- „Француски вагони“. За оваа композиција, самиот пејач вели: „Француски вагони“ е многу специфична песна која сама се изгради низ динамиката на процесот на создавање, природно и интуитивно. Во неа се крие мистика, исполнета е со страст, те држи во романтика и тага, ти дава надеж, за на крај да се отвори и да ти даде искрен совет, потсетувајќи не на вистинските вредности“.

Видеото за песната стана уште посилно благодарение на соработката со модниот бренд ELENA LUKA. За ова, Тарабунов нагласува: „Пред сè, сакам искрено да му се заблагодарам на брендот ELENA LUKA за прекрасната соработка. Ми беше чест што во мојот спот и песна „Француски вагони“ е присутна и нивната енергија, бренд кој со години претставува столб на квалитетни креации во Македонија, па и пошироко“. Моделот Тамара Трајковска заблеска во префинети креации кои ја претставија како вистинска Французинка, а визуелната хармонија ја зајакна приказната на песната.

Тарабунов исто така ја истакнува својата модна поддршка на машкиот македонски бренд кој се погрижи за неговиот изглед. Самиот стил на пејачот, во синергија со креациите, го издигна целото визуелно и естетско доживување на сосема ново ниво.

Соработката со ELENA LUKA, како што додава Александар, не завршува тука: „Би бил исклучително среќен доколку и во иднина повторно соработувам со брендот ELENA LUKA на некој мој следен проект. Од нив добивам одлична енергија, тие се инспиративни и многу професионални“.

Песната веќе го доби признанието на медиумите, а за приемот Тарабунов додава: „Пресреќен сум што песната веќе е во етер и што одлично ја прифатија сите медиуми. Телевизиите и радиостаниците сè поинтензивно ја вклучуваат во својата програма, а тоа е најголемата награда за еден автор и пејач, кога песната на која си работел со огромна страст и фокус, во која си вложил дел од себе и од својата душа, ќе заживее и ќе се прошири како вибрација во воздухот“.

Иако оваа песна е главниот фокус, Тарабунов веќе работи на нови проекти: „Во меѓувреме, постојано работам на нови песни. Во моментов имам изработено 61 демо, од кои секое е веќе околу 80% завршено и го чека својот среќен, сончев ден. Подготвувам и нова, многу динамична и летна песна, која е планирано да излезе во средината на април, придружена со видеоспот кој веќе има своја режија“.

Со „Француски вагони“, Александар Тарабунов не само што го потврдува својот креативен потенцијал како автор и пејач, туку ја покажува и силата на спојот помеѓу музиката и модата. Соработката со ELENA LUKA го трансформира видеото во визуелна приказна каде стилот, харизмата и емоцијата создаваат впечаток што долго ќе остане во меморијата на публиката.

Небојша Толески