Трендовите се менуваат со брзина на светлината, но ретко кој бренд успева да изгради континуитет што не само што опстојува, туку и доминира. ELENA LUKA е токму таков феномен.
Во текот на својата повеќе од дведецениска работа, брендот никогаш не потфрлил, напротив, функционира како прецизен креативен механизам кој постојано создава нови колекции, без разлика дали станува збор за ready-to-wear, висока мода или лимитирани изданија. Во македонски рамки, ова ниво на дисциплина и продуктивност е речиси уникатно. Визија, креативност, прецизност, инспирација и континуитет, тоа е кодот по кој ELENA LUKA гради препознатлив моден јазик.
Насловната страница на Fashionel за месец мај
Новата колекција за пролет/лето 2026 отвора ново поглавје, инспирирано најмногу од Сицилија, од нејзините златни песоци, жешкото сонце и сензуалната, медитеранска енергија што пулсира низ секој детал.
Ова не е само визуелна референца, туку атмосфера што се чувствува во материјалите, боите и движењето на силуетите. Колекцијата зрачи со топлина, со светлина што се прелева преку ткаенините и создава чувство на леснотија и слобода.
Во неа, архитектонскиот пристап кон кројот се спојува со ефемерноста на летните материјали. Тенките текстили добиваат форма, дисциплина и структура, додека истовремено ја задржуваат својата прозрачност.
Црно-белите комбинации со богата чипка и рафинирани апликации потсетуваат на сенките што ги создава силното сицилијанско сонце, драматични, но елегантни. Од друга страна, жолтите лимонести силуети се директна алузија на сонцето, топли, светли и полни со живот. Тие не се само боја, туку емоција, израз на оптимизам и модерна женственост. Палетата е широка. Палта, панталони, фустани, бермуди, кошули… Повеќенаменска облека која ви дава слобода за комбинирање.
Особено значаен е изборот на материјал, првокласен лен кој доминира во поголемиот дел од колекцијата. Лесен, дишлив и природен, тој е идеален за летото, но тука е трансформиран во нешто повеќе од практична ткаенина. Под рацете на дизајнерскиот тим на ELENA LUKA, ленот станува медиум за софистицирана конструкција, материјал што носи форма, но и движење, строгост, но и мекост, како самиот медитерански пејзаж.
Инспирацијата од Сицилија се чита и во контрастите, меѓу светлината и сенката, меѓу мекоста на песокот и цврстината на архитектурата, меѓу традицијата и современоста. Оваа игра создава колекција која е истовремено романтична и силна, деликатна и самоуверена.
Брендот останува доследен на својата филозофија, мода што има длабочина, контекст и трајна вредност. А ова лето, таа приказна мириса на сонце, звучи како бранови и изгледа како совршено обликуван лен што се движи со секој чекор.
Н.Т