Дали модата намерно создава „грди“ трендови?

Во последните децении модата сè почесто се соочува со една провокативна дилема, дали она што публиката го доживува како „грдо“, „чудно“ или „неразбирливо“ е всушност случајност или сепак внимателно изработена стратегија?

Од „ugly sneakers“ и преголеми силуети, до деконструирани фустани и намерно несоодветни комбинации, модерната мода како да се оддалечува од класичната идеја за убавина…

Грдото како стратегија, не грешка

Модните теоретичари и критичари одамна укажуваат дека „грдото“ во модата не е случајност, туку јазик. Еден од највлијателните примери е работата на Миуча Прада, која во повеќе интервјуа и анализи е цитирана со ставот дека „грдото е атрактивно, грдото е возбудливо“. Како што анализираат модните историчари, токму нејзините колекции ја отвораат вратата за естетика што намерно го нарушува „доброто вкусување“ за да создаде ново визуелно искуство.

Овој пристап е подоцна радикализиран од дизајнери како Демна и брендови како Баленсијага, кои во колекциите воведуваат намерно „деконструирани“, преголеми или „валкани“ естетики. Според анализи во Вог и Business of Fashion, овие дизајни не се грешка на вкусот, туку свесна комуникациска стратегија, шокот станува маркетинг алатка.

„Грдото“ како економија на внимание

Еден од клучните аргументи што се повторува во современата модна критика е дека модата денес се натпреварува во економија на внимание. Како што анализира Вог, во повеќе текстови за „грда мода“, шок-естетиката е ефикасен начин да се биде забележан во дигиталната култура, каде секој бренд се бори за секунди внимание.

Модниот теоретичар и психолошки истражувач Патрик Фаган, цитиран во истите анализи, објаснува дека „чудното, грдото и шокантното прво нè тера да забележиме нешто, а потоа да реагираме“. Тоа значи дека првиот чекор кон купување не е убавината, туку реакцијата.

Од отпор кон систем

Интересно е што „грдиот дизајн“ првично се појавува како форма на отпор. Во 90-тите и 2000-тите, дизајнери како Александар Меквин и постмодерните движења во модата ја разнишуваат идејата дека облеката мора да биде „прекрасна“ за да биде вредна. Подоцна, ова се претвора во мејнстрим естетика.

Како што наведува The Business of Fashion, контрадикторноста е во тоа што она што започнало како критика на системот, денес е дел од истиот тој систем. „Грдо шик“ станува комерцијален код, а не субверзија.

„Грдото“ како нов статусен симбол

Еден од најинтересните современи аспекти е идејата дека „грдо“ не значи евтино или неуспешно туку обратно. Во анализи на Vogue се истакнува дека „намерно грдите“ парчиња често се екстремно скапи, што создава нов вид статусна порака, ако го разбирате овој визуелен јазик, вие сте „внатре“ во културниот круг.

Така настанува феноменот каде што „неразбирливото“ станува елитно, а „убавото“ предвидливо.

Дали модата навистина „создава грдост“?

Одговорот, според поголемиот дел модни критичари, е покомплексен од едноставно „да“ или „не“. Модата не создава грдост во класична смисла, таа создава нови дефиниции за убавина.

Како што забележува модната критика во анализи објавени од Vogue, „грдото“ во модата често е начин да се истражи непријатноста, хуморот, и социјалните противречности. Или, како што вели една од честo цитираните мисли во естетиката, во модата, убавината не е цел туку материјал за преиспитување.

Модата денес намерно работи со границата помеѓу убаво и грдо, не за да провоцира без цел, туку за да комуницира во време на пренаситеност со слики. Она што некогаш би било отфрлено како „лош вкус“, денес може да биде врв на креативна стратегија.

Небојша Толески