Дали текстилната индустрија може повторно да стане двигател на македонската економија?

Некогаш беше симбол на македонската индустрија. Денес сè почесто е симбол на недостиг од работници, затворени производствени линии и борба за опстанок.

Но, дали текстилната индустрија навистина ја изгуби својата сила или сè уште има потенцијал повторно да стане еден од главните двигатели на македонската економија?

Одговорот не е едноставен.

Потенцијалот постои, но под сосема поинакви услови отколку пред две или три децении. Сектор што сè уште ја носи економијата Иако често се зборува дека текстилот е индустрија во опаѓање, бројките покажуваат дека тој и понатаму е еден од најважните производствени сектори во Македонија.

Според податоците на Invest North Macedonia, во земјата работат околу 800 текстилни компании, секторот обезбедува работа за приближно 36.000 луѓе, односно околу една четвртина од сите вработени во преработувачката индустрија. Текстилот создава околу 2,4% од БДП, а учествува со околу 17% во индустрискиот БДП, што го прави втор најголем индустриски сектор по металургијата.

Тоа не е мал економски фактор. Но, има една суштинска разлика Македонија произведува многу облека. Македонија продава малку македонска мода. Токму тука лежи најголемиот проблем. Со години домашните фабрики работат по т.н. ЛОН-систем (Cut-Make-Trim) странските компании ги испраќаат материјалите и дизајнот, а домашните фабрики ја вршат само кројката и шиењето. Производот потоа се враќа назад и на европските пазари се продава под познати светски брендови. Тоа значи дека најголемиот дел од додадената вредност, дизајнот, брендирањето, маркетингот и продажбата остануваат надвор од Македонија.

Извозот е голем, но вредноста што останува дома е ограничена. Текстилот и конфекцијата и натаму имаат значајно место во македонскиот извоз, иако нивното учество постепено се намалува.

Според официјални економски податоци, во 2024 година текстилот и облеката учествувале со околу 6,7% од вкупниот македонски извоз, додека во 2023 година тоа учество било околу 7%. Истовремено, производството на конфекција бележи значителен пад, а индустриското производство во овој сектор се намалува. (МДТ Портал) Тоа покажува дека секторот останува важен извозник, но постепено ја губи својата тежина во структурата на економијата.

Недостигот од работници стана поголем проблем од недостигот на нарачки Пред десетина години фабриките бараа нови договори. Денес многу фабрики бараат нови шивачи. Сопствениците на текстилни компании сè почесто предупредуваат дека имаат работа, но немаат луѓе што ќе ја извршат. Искусните работници заминуваат во пензија, младите не сакаат да работат во текстилната индустрија, а дел од квалификуваниот кадар се исели во странство.

Во меѓувреме, профилите како кројач, моделар и конфекционер стануваат сè поретки на пазарот на труд.

Светот се менува ама дали тоа е шанса за Македонија?

Иако глобалната конкуренција е силна, последните години се случува една важна промена. По пандемијата, голем број европски брендови сакаат дел од производството да го доближат до европските пазари наместо целосно да зависат од Азија.

Овој процес отвора можност земји како Македонија повторно да станат привлечни производствени центри поради близината, пократките рокови за испорака и флексибилноста. Тоа е можност што не смее да се пропушти. Но, повеќе не е доволно само да се шие

Ако Македонија сака повторно силен текстилен сектор, не може да се натпреварува само со евтина работна сила. Тоа веќе го прават многу поголеми земји. Конкурентноста денес се гради преку производство со повисока додадена вредност; сопствени модни брендови, современ дизајн, дигитализација, автоматизација, одржливо производство, брза испорака кон европските пазари.

Тоа е сосема различен модел од оној што доминираше во деведесеттите години. Домашните брендови остануваат најголемата неискористена можност Македонија има фабрики што произведуваат за светски брендови.

Но има многу малку брендови што успешно продаваат под сопствено име надвор од земјата. Додека фабриката заработува од шиењето, најголемиот профит останува кај брендот што ја продава облеката. Токму затоа економистите со години предупредуваат дека долгорочниот развој не може да се темели само на ЛОН-производство, туку на создавање сопствена вредност.

Текстилната индустрија може повторно да биде двигател на македонската економија. Но не како индустрија на евтина работна сила. Туку како индустрија што ќе продава знаење, дизајн, квалитет, брзина и сопствени брендови. Македонија веќе ги има фабриките, традицијата, искуството и луѓето што знаат да произведат врвен производ за најпознатите светски модни куќи.

Па, дали конечно ќе почнеме да создаваме и да продаваме повеќе македонска вредност отколку туѓи етикети.

Небојша Толески