„Деца корнат градина“ – албум што ќе ве натера да размислите и почувствувате

„Деца корнат градина“ е првиот студиски албум на Јовче Пандев и неговиот бенд, кој носи музичка и концептуална зрелост. Со осум композиции, создадени низ една година, албумот се спротивставува на неправдите преку моќни аранжмани и емоционален набој.

Во интервју за Fashionel Јовче Пандев открива како се обликувала идејата за албумот, кои предизвици ги донело снимањето и што да очекуваме од концертните промоции во Скопје, Струмица, Кавадарци и Битола.

Како се роди идејата за албумот „Деца корнат градина“ и што сакаше да пренесеш преку него?

-Идејата не се раѓа во еден момент или преку ноќ сигурно. Таа постојано расте и се дообликува во секој нареден миг на созревањето на еден израз и мотив да се кажат нештaта,  преку музика. Вистинската идеја се обликува кога сте свесни за мотивот и  знаете која форма ќе ја употребите.

Темата на целиот албум се недоразбирањата кои ни се случуваат, а тоа непотребно не изморува.

Албумот има силна естетска и креативна порака против неправдата, како ова се рефлектира во музиката, текстовите и аранжманите во твојот албум?

-Се рефлектира концизно и со оглед на тоа дека ова е прв албум, се трудевме да го истражиме што е можно повеќе и да се рефлектира вистинито, за музика, текст и аранжман.

Снимањето и продукцијата траеја помалку од една година, како изгледаше тој процес и кои беа најголемите предизвици?

-Снимањето изгледаше дури и конфузно на моменти. Но, и со чиста и јасна мисла. Неодлучно во финалните кликови на миксот и аранжманските решенија на почетокот. Шарено, ама многу среќно на крај. Најголемиот предизвик е да имате албум кој е со зрела содржина.

Во тек е организација на концертни промоции, што можеме да очекуваме од тие настапи и какво искуство ќе понудите за публиката?

-Па, ние посакуваме силен и конкретен звук. Ќе понудиме убаво и искрено рокенрол доживување. Ќе се дружиме пред сѐ.

Албумот е достапен на дигитални платформи, но ќе има и физички изданија, што значи за вас издавањето на ЦД и винил во денешно време?

-Секој материјал кој е ставен на носач на звук е подолговечно сведочење за истиот. Можеби овој муабет ќе нема никаква смисла после некое време, но така пораснавме, со касети, ЦД, винили, и тоа ни е некако најреалистично во колективната свест.

А, во однос на тоа дека некој ќе си купи ЦД или винил со вашиот труд на него, тоа е веројатно создавање на посебен благороден однос.

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian