Познатата српска поп пејачка, со интернационална кариера Дијана Роквиќ – Диди Џеј, ги импресионираше присутните на Париската модна недела, носејќи авангардни креации на ЕЛЕНА ЛУКА.
Диди Џеј која е една од ретките музички ѕвезди од Балканот која успеала да се пробие на американскиот музички пазар и да соработува со ѕвезди како Шеги и Иги Азејлија се издвои со својот уникатен стил и самоуверен настап во креации на ЕЛЕНА ЛУКА.
За време на Париската модна недела, таа се појави во три креации на реномираниот македонски бренд ЕЛЕНА ЛУКА и ја истакна нејзината автентичност и харизма.
Диди Џеј, седеше во првите редови на модната ревија на либанскиот дизајнер Georges Chakra, кој е познат по своите креации на висока мода кои ги носат познатите како: Бионсе, Џенифер Лопез, Ријана и други. Неговите гламурозни креации исто така се појавија во култниот филм „Ѓаволот носи Прада“ и се престиж помеѓу светската елита.
Фустанот на ЕЛЕНА ЛУКА кој таа го носеше за оваа прилика претставува вистинско ремек-дело на футуристичкиот дизајн, каде модата се спојува со уметноста и иновацијата. Асиметричната конструкција и употребата на транспарентни материјали создаваат впечатлива визуелна игра, додека металик златните нијанси додаваат чувство на луксуз и гламур. Фустанот се истакнува со скулптуралната форма која го нагласува телото, но воедно ја задржува својата драматичност и уникатност.
Деталите како златната торба и високите потпетици совршено ја надополнуваат целината, внесувајќи дополнителна хармонија во стајлингот кој е олицетворение на висока мода.
На ревијата на познатиот либански дизајнер Ziad Nakad, Диди Џеј повторно избра модел на ЕЛЕНА ЛУКА кој е совршен пример за минимализам со драматична нота. Црниот фустан е елегантен и софистициран, додека транспарентните детали и слоевитата текстура додаваат модерна и смела вибрација. Изразените раменици му даваат уникатна структура на изгледот, создавајќи силна силуета што зрачи со самодоверба.
Додатоците, како златниот масивен ѓердан и малата кожна торба, внесуваат луксузен допир без да го нарушат минималистичкиот концепт. Пувкастите детали на чевлите се интересен и неочекуван момент, кој додава разиграност и топлина на целината. Овој изглед е совршен за настан, каде елеганцијата и индивидуалноста треба да бидат во прв план.
Диди Џеј избра аутфит на ЕЛЕНА ЛУКА и за прошетка во еден од најреномираните хотели „Four Seasons“ во Париз. Стајлингот кој го избра Диди беше вистинска игра на боите и текстурите, која совршено ги комбинира смелоста и софистицираноста.
Тиркизното здолниште кој суптилно свети создаде освежувачка и елегантна база, додека сакото со корално црвената јака и портокаловите детали внесе динамика и визуелен контраст, што го прави стајлингот уникатен и незаборавен. Под оригиналното сако Диди носеше црвен краток фустан кој плени со топлината на бојата. Длабокото деколте додаде софистициран и смел тон, нагласувајќи ја силуетата на суптилен начин, додека здолништето му даде разигран шарм на целокупниот изглед.
Пејачката Диди Џеј која освен по музиката е позната и по својата страст кон модата, и е синоним за авангарда на еден од најголемите модни настани во светот Париската модна недела, дефинитивно остави силен впечаток во оригиналните модни изданија креирани од реномираниот бренд ЕЛЕНА ЛУКА.