Во македонската јавност има личности чие присуство не се мери само преку функциите што ги извршувале, туку и преку впечатокот што го оставиле зад себе. Една од нив несомнено е Мери Младеновска-Ѓорѓиевска – правник, адвокат и поранешен министер за правда, жена која со години претставуваше синоним за професионализам, достоинство и префинет личен стил.
Во период кога политичката сцена во Македонија ретко нудеше личности кои подеднакво привлекуваа внимание и со својата стручност и со својот јавен настап, Младеновска-Ѓорѓиевска важеше за една од највпечатливите дами во македонската политика. Нејзиниот беспрекорен изглед, одмереното однесување и внимателно изградената елеганција создадоа препознатлив јавен имиџ кој и денес многумина го паметат.
Нејзината политичка кариера е обележана со значајни функции во правосудниот систем. Од ноември 2002 до јуни 2004 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за правда, а потоа, од ноември 2004 до август 2006 година, беше министер за правда на Република Македонија. Во тој период јавноста имаше можност одблиску да ја следи нејзината работа, но и нејзината способност да покаже дека сериозноста и женственоста можат да одат рака под рака.

По повлекувањето од активната политика, таа не исчезна од професионалниот живот. Напротив. Својата кариера ја продолжи во адвокатурата, каде и денес е активно присутна, посветувајќи се на комплексни правни предмети и на развојот на правната практика. Колегите ја опишуваат како личност со исклучителна работна етика, аналитичност и непоколеблива посветеност кон правдата.
Она што особено привлекува внимание е фактот што годините речиси воопшто не го промениле нејзиниот препознатлив шарм. Истата елеганција, истото достоинство и истата природна харизма што ја издвојуваа во времето кога беше на врвот на политичката кариера, денес се дел од нејзиниот професионален и јавен идентитет.
Дека нејзината работа и углед одамна ги надминале границите на Македонија, потврди и најновото признание што неодамна ѝ беше доделено од Италијанската Република. Вчера, амбасадорот Паоло Палминтери ѝ го врачи високото одликување „Витез од Орденот Ѕвезда на Италија“, признание што се доделува на личности кои дале значаен придонес во зајакнувањето на односите меѓу Италија и други држави.
Одликувањето е признание за нејзината долгогодишна посветеност во унапредувањето на институционалната и економската соработка меѓу Италија и Македонија, како и за нејзиниот придонес во градењето мостови на дијалог и партнерство меѓу двете земји.
Примајќи го признанието, Мери Младеновска-Ѓорѓиевска се повика на мислата на италијанскиот нобеловец Луиџи Пирандело: „Животот нема друга вредност освен онаа што самите му ја даваме“, зборови што на симболичен начин го отсликуваат нејзиниот професионален пат. Во своето обраќање таа изрази благодарност до претседателот на Италија, Серџо Матарела, нагласувајќи дека признанието претставува голема чест, но и дополнителен поттик за натамошна работа во насока на продлабочување на односите меѓу двете пријателски земји.
Од политичарка која пленеше со својот стил и став, до успешен адвокат и носител на едно од највисоките италијански одликувања, приказната на Мери Младеновска-Ѓорѓиевска е пример како професионалниот интегритет, знаењето и достоинството остануваат највредната визит-карта на една јавна личност. Нејзината кариера покажува дека вистинското влијание не се мери само преку функциите што се извршуваат, туку и преку трајната почит што човек ја остава зад себе.
Н.Т