Шестиот ден од Миланската модна недела донесе оригинални, автентични и необични модни изданија. Fashionel и нашата известувачка Стејси беа таму за да ги доловат највпечатливите моменти.
Од екстравагантни креации до смели, несекојдневни комбинации, модната сцена блескаше во својата најиновативна форма.
Стејси, облечена во уникатен аутфит од ЕЛЕНА ЛУКА, совршено ја отслика естетиката на денот – смелост, индивидуалност и врвен дизајн.
Во прилог е освртот на денот кој Стејси го подготви за вас…
Иднината е во младите
И иднината на модата лежи во идеите на младите дизајнери, реализацијата на дизајни кои ја поттикнуваат поддршката на младите, и младешката енергија која колекциите ја носат. Настаните на шестиот ден на Миланската модна недела за сезоната есен/зима 2025/26 ја заокружи оваа возбудлива и динамична недела токму во тоа светло – иднината останува на младите.
Па презентацијата на брендот art259design прикажа колекција развиена како одговор на чувството на дезориентација и контекстот на несигурност. Дизајнерот Алберто Афинито си дозволи несвесно да го понесе спонтаниот тек на идеите, сугестиите и стимулите, имплементирајќи ја филозофијата на zero waste во костуми и комбинезони од водоотпорен најлон и сомот кој симулира шкрги.
Модната ревија на брендот HUI Milano пак, ги реинтерпретираше културолошките традиционални форми и старинските материјали како брокат, чипка и твид во модернистички парчиња со специфични акценти на портокалово и црвено. Освежените миксови на неспецифичните спарувања беа идеално вклопени во златниот амбиент на Palazzo Clerici, но пораката пренесена беа дека традиционалните шик парчиња може да имаат современ лик.
Како бренд кој континуирано од своето појавување внесува свежина со исклучително младешки поглед на работите, Avavav се обиде да нè потсети каде и како живееме со колекцијата „The Hole“, во која манекенките во зомби улоги излегуваа од „дупката“ и ги оживеаја стритстајлот по кој се забележливи. Во ексклузивен поглед одблизу на парчињата кои „ги натераа да се оживеат“, забележавме костурски раце кои се балансираа со симпатични панделки, но и растресити блузони со прекроени качулки кои доведуваа женски печат спарени со чипканите здолништа.
А пораката во модата е круцијална, и модната ревија на дизајнерката Francesca Liberatore, како последна ревија на официјалниот календар на Миланската модна недела за сезоната есен/зима 25/26, стави акцент на тоа колку е важно да ги негуваме младите генерации, и да им посветиме внимание уште од најмлади нозе во периодот на формација. Во една нова рефлексија, сместена во ходниците на едно основно училиште, токму „новата“ визија искажана преку меки бургунди палта, плетени здолништа во маслиново зелено и какао кафена, капчињата во крзно и тартан и шпанско чувство во стилизирање со светли акценти е таа која укажува на важноста на младата индивидуа, која потоа успева истите парчиња одново да ги износи во нови комбинации во различни периоди од сопствениот живот.
Па во обид да ги смириме сите развиорени мисли предизвикани од впечатоците на различните по печат модни ревии се посегна по навидум несвојствена модна комбинацијата на парчиња со сличен сензибилитет од брендот ЕЛЕНА ЛУКА. Брокатните панталони со розевкаст отсјај со извонредна должина, спарени со необичното палто од златен брокат беа пар создаден за фотографирање, па ги привлекоа објективите на бројните фотографи по улиците на Милано. Совршено избалансирани меѓусебно преку нијансите на свилениот дезениран топ од брендот, а додавајќи, како јаготка на шлаг, винтејџ брокатно чантиче во ист дезен, стајлингот извикуваше младешка игра со која нè смести во првите редови на едно вакво елитно случување какво што е Миланската модна недела.
Од мини до макси, од пригушени земјени тонови до светли интензивни акценти, од традиционални до свежи модерни принтови, шестиот ден на Миланската модна недела беше потврда како модните настани, освен со регуларната возбуда, нè исполни и со ентузијазам но и го насочи нашиот фокус кон тоа како се одвива развојот на една индивидуа во оваа контаминирана реалност, поттикнувајќи нè да продолжиме да ја негуваме детската љубопитност и уметноста, која „не го репродуцира тоа што е видливо, но во прави видливо тоа што не секогаш е“ (Пол Кле).
Автор: Анастасија Стејси Марш Богдановска
ФОТО: Марко Маркоски
Повеќе фотографии од објективот на Fashionel, за време на Миланската модна недела се достапни тука: