Милано врие од модна возбуда, а Fashionel е во самиот епицентар на случувањата.
Нашиот ексклузивен известувач, Стејси, на четвртиот ден од Миланската модна недела присуствуваше на ревијата на Moschino, носејќи уникатен аутфит од ЕЛЕНА ЛУКА.
Екипата на Fashionel е дел од оваа престижната модна манифестација која привлекува икони од светот на модата, како Ана Винтур, легендарната уредничка на Vogue, актерката Кира Најтли и многу други познати лица.
Проследете што Стејси на нејзин автентичен начин ни сервираше како најинтересно од четвртиот ден од модната недела во Милано.
Ние, нашите мисли, и нашиот аутфит
Како размислуваме? Како ли размислуваме во текот на денот? Кои мисли го движат нашето постоење, а кои ли се тие кои го дефинираат со своето минато? На овие прашања се обидовме да најдеме одговори со нашето движење низ модните настани на четвртиот ден на Миланската модна недела есен/зима 25-26. Посетата на бројни презентации и ревии со својата силна динамика започнува да истоштува, но сепак успева да нè понесе и да ни ги потегне мислите…
За вакво едно патешествие ни беше потребен интригантен стајлинг, со парчиња кои, како и мислите, секое раскажува своја приказна, но склопени заедно значат интрига која нè тера на размислување. Во центарот на вниманието е невообичаениот корсет од брендот EЛЕНА ЛУКА, струкиран со лелеави колкови, со змиски принт и детали на сребрени копчиња кои се внимателно лоцирани, а секој елемент кој го опишува е компониран со посебно парче. Сребрените панталони се во дует со копчињата, спарениот змиски принт на геометриската чантичка си поигрува графички со романтичноста, пердувите детал на чевлите ја надополнуваат разиграната форма, а плетената торба се испреплетува со тантелата во истиот тон. Мантилот од брендот „ЕЛЕНА ЛУКА“ од неопрен, преку своите карактеристики на материјал, нијанса и форма, ги прегрнува сите елементи во една комплетна приказна.
Понекогаш размислуваме за практичноста. Па ќе го испиеме утринското кафе на презентација кај брендот Eleventy, кој за новата есен/зима 2025-26 колекција се фокусира на концептот на „тивок луксуз“, софистициран, скапоцен и современ, издизајниран за клиентела која е внимателна околу квалитетот и кроењето на Made in Italy.
Понекогаш размислуваме за напорна работа, но низ игра. Па ќе си поиграме кај брендот Moschino, каде за колекцијата есен/зима 25/26 „Tools of the Trade“ Адријан Апиолаза ја претвори деконструкцијата на облеката во процес на ре-креација, па ќе се преземе тексасот за работна облека, но ќе се преувеличи во типичниот израз на куќата, и ќе се пренасочи вредноста пошироко од рамките на модата.
Понекогаш размислуваме за наследените вредности и спомени. Па ќе прошетаме низ приватната презентација на колекцијата на брендот Alberta Ferretti, посветена на иконична коса на Франка Соцани, па во долгите лелеави фустани ќе ја воочиме нејзината раскошност, а во карнерите нејзините локни.
Потоа почнуваме да размислуваме за aрхивата. Па ќе се обидеме да ги редефинираме класиците кај брендот Pollini со колекцијата „Redefining Classics“ и ќе пронајдеме нова удобна но сепак сензуална верзија на чизмата Cavaliere, а новите 70-ти ќе значат заводлива силуета.
Па понекогаш размислуваме и за вечноста. Па ќе се вратиме назад кон себеси со колекцијата „Back to Myself“ на Giuseppe Zanotti, каде ќе станеме верни на познатото но ќе ја испочитуваме и потребата да се навлезе во есенцијата на нештата, и со новата chunky потпетица со сепак препознатливата линија ќе воведеме нова интрига.
Но понекогаш, но и сè почесто, размислуваме за хуманоидноста, за човечноста и ранливоста, за дуалноста на постоењето и подемот на новите технологии. Па ќе се шокираме од роботот Амека кој е центар на ревијата за колекцијата на Giuseppe di Morabito, која насловена „Alone in the Stars“ посегнува по закопаните емоции кои се под површината низ интроспекција.
И тогаш остануваме сами со мислите, и успеваме по малку преку нашите аутфити да размислуваме и за себе.
Автор: Анастасија Стејси Марш Богдановска
ФОТО: Марко Маркоски
Повеќе фотографии од четвртиот ден од Миланската модна недела низ објективот на Fashionel се достапни тука: