Модната еуфорија во Милано е во полн ек, а Fashionel е во центарот на случувањата.
Нашиот ексклузивен известувач, Стејси, на третиот ден од Миланската модна недела присуствуваше на модната ревија на Емпорио Армани и Антеприма, носејќи впечатлив аутфит од ЕЛЕНА ЛУКА.
Овој стајлинг е смел спој на авангарда и елеганција. Доминира елегантен светлосин сатенски кошула-фустан, кој внесува софистицираност, комбиниран со впечатлив структурен капут со мултиколорна текстура и необични реси, додавајќи уметнички карактер на изгледот. Црните кожени високи чизми носат доза на урбана естетика, додека малата црна чанта и тренди очилата за сонце го заокружуваат целиот аутфит со модерен финиш.
Во прилог нејзиниот осврт на денот…
Вечната игра помеѓу индивидуалноста и убавината
Светот е игра, а модата е негово олицетворение. Светот е игра на пронаоѓање на натрапникот: да се биде индивидуа која функционира, ужива, и остава печат – а модата ја следи таа игра тестирајќи ги лимитите на материјалите, формите и креативноста.
Во модната игра влезе и тимот на Fashionel, склопувајќи аутфит за денот кој е подеднакво и впечатлив и функционален. Комфорот и слободата кои се потребни за да се истрчаат настаните на третиот ден на Миланската модна недела го пронајдовме во небесно синиот кошула фустан од брендот ЕЛЕНА ЛУКА, чија едноставна елеганција ја разигравме спарувајќи го со колоритен букле капут од брендот.
Фрак формата влегува во дуел со заоблените линии на фустанот, додека црните додатоци интригантно се надополнуваат со суптилните црни нијанси на дезенот. Специфичните неон детали на капутот го крунисуваат левелот на играта.
Модерна примитивност кај Антеприма, стилска индивидуалност кај Redemption, комплементарни контрасти кај Армани… си играме со фигуринки, карти, но најмногу со модни парчиња кои ја носат играта на следен левел.
Па ќе си поиграме пренесувајќи се од 2Д во 3Д свет. Ќе ни се важни повеќе димензии, кои испреплетени создаваат уникатно доживување на играта.
Во формата: плетенини во минималистички дизајн кој со дводимензионални мотиви успева да внесе живот во тридимензионалниот свет. Во колоритот: збогатени есенски и зимски тонови, разиграни во повеќетонски акорди. Во текстурата: кашмир, кадифе, мохер се искомбинирани за да создадат уникатно доживување за сетилата. Во естетиката: иновативен најлон и букле, во игра со фигурините кај додатоците даваат живот на секој аутфит. Колекцијата на брендот Антеприма за сезоната есен/зима 2025/26 е создадена за енигмата, тактичноста и динамичноста која играта во себе ја содржи.
Новодефинирани пропорции кај јакни кои дишат рок, шик револуција. Асиметрични фустани со светкави детали блендирани во структуриран минимализам. Трибјут на new wave иконите од 70-тите и 80-тите преку скроени силуети со андрогени детали. Брендот Redemption, кој во својата срж ги носи слободниот дух и ребел индивидуалноста, за сезоната есен-зима 2025/26 прикажа колекција која е омаж на жената која не се плаши да ризикува и предизвикува.
Но, што е играта без моментот на забава? Па ќе посегнеме по карти за играње, и ќе ги наметнеме како континуиран детал на чистите силуети. Измиени или исчешлани животински волни, сложени волнено-свилени жакардови, печатени кадифеа, и ќе ги вметнеме во машките детали. Ќе ги земеме и додатоците, па на балетанките ќе им додадеме токи, а чантите ќе ги изведеме во кадифе.Емпорио Армани, за Џорџо Армани, претставува поле за истражување на ригидноста на формата, како кула од карти, но предизвикана со инстинктивноста на меките материјали.
Играта ја играме во неутрална колор карта. Каде не е црно бело, ќе здогледа миднајт сино и песочни нијанси. Палетата е сепак богата, и комплементарните контрасти на светло црвено и зелено ќе ја завршат графиката до осветлената ноќна црна.
Но, играта тука не завршува, а уште помалку забавата.
Автор: Анастасија Стејси Марш Богдановска
ФОТО: Марко Маркоски
Повеќе фотографии од третиот ден од Миланската модна недела низ објективот на Fashionel се достапни тука:
Емпорио Армани