ЕЛЕНА ЛУКА повторно во хумана мисија. Овој пат реномираниот бренд помага во финансирањето на учеството на танчерите Илина и Стефан на Специјалната зимска Олимпијада, која од 8-15 март ќе се одржи во Торино, Италија. ЕЛЕНА ЛУКА за нашите претставници на најголемиот светски, спортски и хуманитарен настан ќе обезбеди специјално креиран аутфит кој дополнително ќе го истакне нивниот талент.
„Горди сме што како бренд со силно изразено чувство за општествена одговорност, можеме да дадеме поддршка на Илина и Стефан во нивната мисија. Специјалната Олимпијада дефинитивно е повеќе од спортски настан, таа е симбол на инклузија, посветеност и храброст. Со овој гест сакаме да ја истакнеме нашата верба во нивниот талент и да им овозможиме да заблескаат на светската сцена во креации со потпис на ЕЛЕНА ЛУКА.“- велат од тимот на ЕЛЕНА ЛУКА.
23 годишната Илина Георгиева и 27 годишниот Стефан Трпковски ќе настапат на Специјалната Олимпијада во категоријата спортски танци, која за прв пат се воведува на ова светско натпреварување. На овој настан ќе настапат повеќе од 1.500 спортисти од 103 делегации кои ќе се натпреваруваат во 8 спортови, со цел да обезбедат меѓународна демонстрација на инклузија, прифаќање и единство.
Нашите претставници посветено се подготвуваат во танцовото студио Еурека, од каде велат дека соработката помеѓу модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА , танцовото студио Еурека и Специјалната Олимпијада, имаат посебно значење. Тие создаваат синергија помеѓу спортот, уметноста и модата, и ги поддржуваат децата во нивната цел да бидат видливи и прифатени како еднакви членови на општеството.
„Танцовото студио Еурека обезбедува професионална обука за децата со посебни потреби и создава простор за изразување на нивниот талент преку уметноста на танцот. Ова студио им помага да го развијат својот потенцијал, да научат дисциплина и тимска работа, а истовремено ги учи да ги надминат бариерите кои може да им се појават. Соработката со модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА ја зајакнува оваа врска и го збогатува проектот. Модната куќа, со својата поддршка, помага во финансирањето на учеството на танчерите на Специјалната Олимпијада, и го зголемува престижот на студиото, прикажувајќи го како центар за инклузивност и позитивен развој. Од оваа соработка, децата добиваат обука и поддршка во танцот, како и можност да се изразат преку облеката и стилот, што дополнително ги мотивира да се чувствуваат посебно и самоуверено.“- вели Катерина Јолакоска – уметнички директор на танцовото студио Еурека.
Оваа година македонските претставници на Специјалната Олимпијада во Торино ќе се обидат уште еднаш успешно ја преставуваат нашата земја во алпско скијање, крос кантри и спортски танци. Успехот на нашите атлети е мотив за сите лица со атипичен развој да покажат дека и во локалните заедници треба да се промовира еднаквост и спорт за сите.
Специјална олимпијада на Македонија промовира инклузивни спортски активности, креира вредности на храброст, сила и непоколебливост со активно вклучување на лицата со интелектуална попреченост во индивидуалните и колективни спортови создавајќи, можности за сите.
Бојана Стевческа
Фото: ELENA LUKA, Instagram