ЕЛЕНА ЛУКА со благодарница од Словачката амбасада за поддршката на хуманитарната ревија за онколошките пациенти

ЕЛЕНА ЛУКА на вчерашниот прием во Словачката амбасада со задоволство ја прими благодарницата од Словачкиот амбасадор во земјава Н.Е. Хенрик Маркуш, за поддршката на хуманитарната модна ревија за онколошки пациенти која се одржа пред еден месец во МКЦ.

На овој настан кој предизвика лавина на емоции, 19 инспиративни жени, кои ја добиле или сѐ уште ја водат битката со карциномот, храбро зачекорија на модната писта облечени во ексклузивни свечени тоалети дизајнирани од ЕЛЕНА ЛУКА.

Модната ревија на која ЕЛЕНА ЛУКА беше главен покровител, беше во организација на здружението ХЕМА-ОНКО и Словачката Амбасада во Скопје, а еден од најголемите иницијатори за организација на настанот, кој настапи и на самата ревија беше и Жанет Маркушова – сопруга на словачкиот амбасадор во Македонија и член на здужение ХЕМА-ОНКО.

Скоро еден месец по одржаната ревија емоциите за истата се сѐ уште многу силни. Според ЕЛЕНА ЛУКА оваа ревија се издвојува по моќната порака која истата успеа да ја пренесе.

„ЕЛЕНА ЛУКА досега била дел од многу модни акции и иницијативи, но оваа модна ревија која се одржа пред 30 дена во МКЦ беше посебна. Реализирана со огромна поддршка од асоцијацијата ХЕМА-ОНКО, нашиот тим, и особено благодарение на иницијативата на Словачката амбасада, амбасадорот и неговата сопруга Жанет, која ми е блиска пријателка, реализиравме настан кој остави незаборавен печат. Суштината на ревијата не беше само во луксузноста на моделите или во самиот перформанс, туку и во пораката која ја пренесовме: дека жените, без оглед на животните искушенија, треба секогаш да ја одржуваат својата силна волја и да не забораваат на најважните вредности – верата, надежта и љубовта. Овие жени испратија порака дека дури и по тешки искушенија, човек може да излезе посилен, духовно побогат и похрабар.“- истакна г-ѓа ЕЛЕНА ПАНДЕВА (ЕЛЕНА ЛУКА) на приемот во Словачката амбасада.

Настанот ЕЛЕНА ЛУКА го оцени како исклучително успешен и посочи дека тој ќе остане забележан во историјата на творештвото на реномираниот бренд.

„На пистата продефилираа 19 прекрасни госпоѓи, секоја уникатна и со своја приказна. Без многу време за проби или кореографии, тие се претставија како вистински професионалци. Емоциите што ги изразија додека ги носеа дизајните, им дадоа посебен карактер на тоалетите. Нивните лични приказни, нивната енергија и состојбата во која се наоѓаат го направија секој дизајн уникатен и бесценет. Тоа беше многу достоинствен настан им благодарам на сите пријатели кои што токму ЕЛЕНА ЛУКА ја избраа да биде моден носител на таа вечер.“- нагласи г-ѓа ЕЛЕНА ПАНДЕВА (ЕЛЕНА ЛУКА).

За време на приемот ЕЛЕНА ЛУКА изрази искрена благодарност за големиот гест од Словачката амбасада и добиената благодарница која ја дефинираше како признание за споделената љубов, тимската работа и пријателството.

„Во текот на настанот се создаде едно заедништво и љубов што ја направи вечерта достојна за паметење. Благодарницата што ја добив беше изненадување за мене, не очекував такво признание затоа што сметам дека сè што постигнавме беше резултат на тимска работа. Оваа благодарница за мене е симбол на разбирање, љубов и потврда на нашата искрена и чиста намера како ЕЛЕНА ЛУКА. Ќе ја чувам како знак на заедништво и долготрајно пријателство. Благодарна сум на тимот, на Словачката амбасада и на сите кои беа дел од оваа иницијатива.“- порача г-ѓа ЕЛЕНА ПАНДЕВА (ЕЛЕНА ЛУКА).

Голема благодарност за поддршката на модната ревија  која беше вистинска прослава на животот, храброста и убавината на жените кои се соочиле со еден од најтешките животни предизвици, изрази и Словачкиот амбасадор во земјава Н.Е. Хенрик Маркуш.

„Среќни сме што ЕЛЕНА ЛУКА беше дел од модната ревија за онколошките пациенти. Соработката со ЕЛЕНА ЛУКА донесе огромна позитивна енергија во целата иницијатива. Кога таа доаѓа во амбасадата, чувствуваме дека носи сонце со себе. Тоа е многу важно зашто поддршката што ја добиваат онколошките пациенти преку вакви настани е исклучително значајна. Овие жени беа апсолутно одушевени. Оваа можност ја чекале со години, и успеавме да ја реализираме заедно. Настанот инспирираше не само присутните, туку и пошироката јавност, поттикнувајќи размислување за тоа како сите можеме да помогнеме. Се надеваме дека ова е само почеток на вакви активности кои ќе создаваат позитивни промени и ќе ја подигнат свесноста за важни општествени прашања, со цел сите да бидат пред сѐ здрави и среќни.“- истакна Словачкиот амбасадор Н.Е. Хенрик Маркуш.

На приемот во Словачката амбасада беше присутна и потпретседателката на ХЕМА-ОНКО Милица Кузмановска, која во името на здружението на ЕЛЕНА ЛУКА и додели благодарница и ја сподели искрената благодарност за дадената поддршка, истакнувајќи дека сите жени кои биле учеснички на ревијата и по месец од нејзината реализација, се под силни позитивни импресии. На средбата се разговараше за потенцијална соработка овој настан кој испрати моќна порака за подигање на свесноста за борбата со ракот, да прерасне во традиција.

Бојана Стевческа

Повеќе фотографии и видео од приемот на ЕЛЕНА ЛУКА во Словачката амбасада се достапни тука:

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian