International Day of Persons with Disabilities: parents of children with disabilities in the country face a big and difficult challenge

Во Македонија многу се зборува, а малку се прави за лицата со попреченост- вели Оливера Савеска од невладината организација „Созвездие“, мајка на дете со попреченост. Според неа иако се бележи мал напредок во унапредување на условите за живот на лицата со попреченост, сепак постојат горливи проблеми кои со години се таложат и не се решаваат.

„Да се биде родител на дете со попреченост е голем и тежок предизвик. Во нашето родителство нема етапи кои минуваат со тек на време и доаѓаат други, не престануваат ноќните будења кога сака детето да пие вода, да оди во тоалет, да се заврти. Чекањето пред институции не престанува никогаш. Нема одмор на лежалка со книга во рака.“- објаснува Оливера.

Како еден од најголемите бариери за инклузија на лицата со попреченост таа ги навадува проблемите со инфраструктурата, транспортот и недостатокот на лични асистенти на децата со попреченост.

„Проблемот со образовни асистенти за среќа е решен, но недостасуваат лични асистенти за децата со попреченост, бидејќи без нив мозаикот не е целосен и тие не можат самостојно да функционираат. Едноставно тоа што се прави за да се унапреди нивниот квалитет на живот е недоволно и тоа треба да се промени.“- истакнува Оливера.

 

Оливера Савеска – невладина организација „Созвездие“, мајка на дете со попреченост

Во Македонија според пописот од 2021 има 94.000 лица со попреченост кои секојдевно се соочуваат со разни предизвици.

Според податоците на Светската здравствена организација 16 проценти од луѓето во светот искусуваат некаква значителна попреченост во животот. Оваа 2024 година интернационалниот ден на лица со попреченост се одбележува на темата „Засилување на лидерството на лицата со попреченост за инклузивна и одржлива иднина”. Оваа тема има за цел да ја истакне важната улога на лицата со попреченост во процесот на донесување на одлуки кои влијаат на нивниот живот, било тие да се глобални или локални.

Денешниот интернационален ден на лицата со попреченост 3 декември ќе биде одбележан со повеќе настани, меѓу кои е и настанот „Ability Awards 2024“, кој за прв пат ќе се одржи во нашата земја.

На настанот ќе биде доделена награда на 10 лица со попреченост кои ќе ги споделат своите инспиративни приказни за надминување на бариерите и достигнување на својот успех, а признание ќе добијат и 10 водечки компании, за своите иновативни и инклузивни практики што го менуваат начинот на којшто го гледаме светот.

Бојана Стевческа

No Comments Yet

Leave a Reply

Your email address will not be published.