На Париската модна недела, Луј Витон, ја претвори пистата во динамична париска железничка станица, каде што модели чекореа низ атмосфера исполнета со светла и звуци на мотор во движење.
Концептот, создаден од сценографот Ес Девлин, ја долови енергијата која ја споделуваат непознати патници чии карактери изгледаа како да доаѓаат од непозната димензија, каде времето и стилот не познаваат граници.
Како модна куќа што патувањето го втиснува во својата ДНК, Луј Витон повторно изненади со колекција што ги редефинира силуетите. Моделите носеа футуристички, ретро парчиња, кои пркосат на трендовите: транспарентни мантили, кожни бермуди, кадифени фустани со светкави детали, плетени јаки и наметки во кариран дезен.
Аксесоарите беа впечатливи, огромни чанти, марами носени преку рака, чорапи над колена во комбинација со кратки чизми, капи во најразлични форми, од предимензионирани шешири до кожни бејзбол-капчиња.
Кулминацијата на шоуто беше чантата инспирирана од париско улично светло.
Парчиња што обично остануваат во сенка беа издигнати до статус на главни модни херои: масивни кожни ремени што ги нагласуваат фустаните од тул, викенд-торби, дебели бразлетни што потсетуваат на максимализмот од средината на 2010-тите.
Блејзерите добија нова форма со нагласени раменици и геометриски линии, а сето тоа заедно создаде колекција што поставува нови модни правила.
Повеќе фотографии од ревијата на Луј Витон за време на Париската модна недела се достапни тука: