Естетски интервенции: Колку е премногу?

Некогаш естетските интервенции беа тема за која се шепотеше, a денес се дел од секојдневието. Ботокс, филери, корекции на нос, затегнување на лице, превентивни третмани уште во дваесеттите… Социјалните мрежи направија убавината да изгледа како проект што постојано треба да се подобрува.

Но, прашањето што сè повеќе жени си го поставуваат е: Каде е границата помеѓу желбата да изгледаме подобро и моментот кога почнуваме да го губиме сопственото лице?

Една од најчестите реченици што се повторува е дека проблемот не е во малите корекции, туку во моментот кога „веќе сите почнуваат да изгледаат исто“.

Она што често се провлекува низ интернет-коментарите е дека границата станува нејасна. Многумина се согласни дека една интервенција лесно води кон друга и токму тука настанува и проблемот.

Интересно е што мислењата се многу поделени. Едни велат дека ако нешто ти ја подобрува самодовербата направи го.

Други сметаат дека индустријата заработува токму од женската несигурност.

Според она што го гледаме на социјалните медиуми жените се заморени од истиот „Instagram изглед“ — полни усни, остри јаболчници, затегната кожа и идентични црти на лицето. Дел од нив велат дека токму природноста почнува повторно да станува луксуз.

Најважното и помалку контроверзно прашање тука е дали навистина го правиме тоа за себе?

Истражувања и онлајн дискусии покажуваат дека многу луѓе чувствуваат притисок од општествените стандарди и од постојаната изложеност на „совршени“ лица.

За некој, границата е мал ботокс еднаш годишно. За друг никаква интервенција. Но, речиси сите се согласуваат во едно: Проблемот започнува кога убавината станува опсесија, а лицето проект што никогаш не е „доволно добро“.

Кое е вашето мислење?