Храбри и прекрасни: Модна ревија на ЕЛЕНА ЛУКА посветена на жените кои се борат или се избориле со ракот

19 хероини, инспиративни жени кои ја добиле или сѐ уште ја водат битката со карциномот храбро зачекорија на модната писта во ексклузивни свечени тоалети на ЕЛЕНА ЛУКА и покажаа дека женската сила и издржливост не познаваат граници.

Модната ревија на која ЕЛЕНА ЛУКА беше главен покровител, беше во организација на здружението ХЕМА-ОНКО и Словачката Амбасада во Скопје.

Настанот кој предизвика лавина емоции кај публиката беше вистинска прослава на животот, храброста и убавината на жените кои се соочиле со еден од најтешките животни предизвици.

„Немам зборови да ги опишам големите емоции од оваа вечер. Нашите прекрасни жени, во улога на модели, носеа креации на ЕЛЕНА ЛУКА. Тие се неверојатни жени и девојки кои, за жал, се соочиле со канцер или сè уште се борат со болеста. Но, на сцената беа извонредни – повеќе од достојно ги претставија нашите модели. Во овие 18 години од постоењето на брендот, мислам дека првпат доживувам толку силни емоции. Оваа вечер ја отслика убавината на сето она што го создаваме. Моделите изгледаа импозантно затоа што беа носени од дами со силни карактери со извонредна енергија. Тие се вистински борци и инспирација за сите нас. ЕЛЕНА ЛУКА денеска доби уште еден степен повеќе во својата сила како бренд. Му благодарам на Бог што токму нас не избраа да ги претставиме овие креации. Огромна благодарност до организаторите, претседателката на здружението ХЕМА-ОНКО, на Словачката Амбасада, како и посебна благодарност до мојата пријателка Жанет, сопруга на амбасадорот на Словачка. Таа е ангел – прекрасна госпоѓа која, и покрај личните искушенија, успеа да победи и да стане пример за многу жени. Нејзината приказна потсетува дека, и покрај сите предизвици, секогаш треба да ја цениме убавината, модата, но и вистинските вредности како храброста, силата, упорноста и вербата во Бог. Неговата љубов и водство ни помагаат да ги совладаме најголемите предизвици.-истакна ЕЛЕНА ЛУКА.

За креациите кои предизвикаа восхит и позитивни коментари кај публиката ЕЛЕНА ЛУКА истакна дека се дизајнирани со посебно внимание, љубов и почит кон жените како безвременска инспирација.

Ова беше навистина посебна вечер – ексклузивна модна ревија со последните парчиња на ЕЛЕНА ЛУКА. Моделите, како заштитен знак на брендот ЕЛЕНА ЛУКА, и овојпат беа создадени со највисок квалитет. Изработени од ексклузивни материјали, богати со додатоци, рачни изработки и уникатни конструкции. Тие опфаќаат различни конфекциски броеви и преубави сатенски парчиња.“ –објасни ЕЛЕНА ЛУКА.

Според ЕЛЕНА ЛУКА ваквите настани имаат огромна важност бидејќи ја носат пораката дека ракот не значи откажување и дека тоа искушение може да биде почеток на нова, посилна животна приказна.

Овие иницијативи првенствено имаат етичка димензија. Сакаме да потсетиме дека мораме да бидеме свесни за важноста на здравјето, без да дозволиме да станеме робови на стравот. Навремените прегледи и грижата за нашето здравје се неопходни, но животот никогаш не нуди целосна гаранција. Важно е да го негуваме телото, но и духот, за да го поминеме животот со сила, храброст и верба.“- порача ЕЛЕНА ЛУКА.

Организаторите објаснија дека идејата за овој настан потекнала од самите жени од здружението ХЕМА – ОНКО за кои велат дека се посебни жени кои знаат што значи вистинска болка, но и како да го ценат животот.

„Овие жени научија како да чекорат низ секој нов ден, оставајќи ги лошите моменти зад себе, и храбро гледајќи кон подобра иднина, секогаш мислејќи на своето семејство, својата работа и себеси. Идејата се реализира преку соработката со модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА, која со право може да се нарече број еден во професионалноста. Ретко кој може да застане рамо до рамо со нив, а тоа го докажаа и вечерва, особено со прекрасните креации. Уште за време на пробите, жените беа воодушевени, избирајќи го фустанот што најдобро им прилега – и според креацијата, и според емоциите што ги будеше во нив. Сѐ беше пренесено онака како што посакувавме, па дури и подобро. Секогаш нешто се подготвува зад сцената, но кога ќе излезете на пистата, срцето е тоа што зборува. Сите ние го споделивме она што го чувствуваме, а особено сме благодарни за поддршката од многубројната публика која дојде да нѐ бодри. Најголемата убавина вечерва ја донесе ЕЛЕНА ЛУКА со своите креации.“- истакна Милица Кузмановска потпретседател на здружението ХЕМА-ОНКО.

Еден од најголемите иницијатори за организација на настанот беше и Жанет Маркушова – сопруга на словачкиот амбасадор во Македонија и член на здужение ХЕМА-ОНКО. Таа за Fashionel ја сподели својата приказна за тоа како дошло до тоа овие хероини да ја покажат својата сила и убавина преку оваа модна ревија.

Од срце сум благодарна на ЕЛЕНА ЛУКА, со која се познавам подолго време, за можноста да се одржи оваа модна ревија за нас, жените кои сме се излекувале од рак. Јас сум онколошки пациент веќе 5 години, и оваа желба ја имав уште од почетокот на мојата борба. Во последно време имав можност да учествувам на две ревии каде моделите не беа професионални манекенки. Кога моите пријателки, исто така онколошки пациенти, ги видоа сликите, нивните зборови беа дека изгледам преубаво. Тоа ме инспирираше да посакам сите ние да излеземе на пиедестал и гордо да покажеме како сме се избориле и колку сме храбри. Воодушевена сум од целото искуство и неизмерно благодарна на сите мои другарки кои беа дел од оваа ревија. Сите дојдовме со различни приказни, не само со дијагноза на карцином на дојка, но заедно носевме позитивна енергија која се чувствуваше во секој момент. Мојата порака е да го славиме животот, да покажуваме љубов и да се гордееме со она што сме во внатрешноста. Вистинската убавина не е само физички изглед, туку тоа што излегува од нас – нашата сила, добрина и енергија. Би сакала овој настан да прерасне во традиција.- истакна Жанет Маркушова – сопруга на словачкиот амбасадор во Македонија и член на здужение ХЕМА-ОНКО.

Еден од најемотивните моменти на настанот беше излагањето на модната писта на доктор Тања Алексовска -невропсихијатар, која во моментов храбро ја води битката со кацнерот. Таа носеше прекрасна црвена тоалета на ЕЛЕНА ЛУКА преку која испрати силна порака.

„Едно огромно благодарам до жената на годината – ЕЛЕНА ЛУКА, која уште еднаш покажа дека несебично ја поддржува секоја жена, во сите аспекти од нејзиниот живот. Посебно значење има нејзината поддршка за онколошките пациенти. Да имавме повеќе жени како неа, оваа држава никогаш не би се соочувала со проблеми како недостиг на термини или други пречки. Огромна благодарност до сите кои придонесоа за оваа иницијатива.Мојата порака до сите присутни и до сите онколошки пациенти е дека животот мора да се живее со полна енергија. Вдишувајте го воздухот со секоја алвеола и славете ја секоја минута, бидејќи животот е неповторлив – реприза нема. Опкружете се со љубов и дарувајте љубов, затоа што тоа е единствениот пат кон здравјето и убавината.“ – рече д-р. Алексовска Тања -невропсихијатар и член на ХЕМА-ОНКО.

Посетителите на настанот си отидоа со силни импресии, а меѓу нив беше и модната аналитичарка и новинарка Снежана Богдановска, која рече дека моделите биле одлични и покажале како преку карактер треба да се претстави облеката.

„Во мојата четириесетгодишна кариера, која започна како модел, а продолжи како моден новинар, со толку многу ревии зад себе – како учесник, посетител и аналитичар – можам искрено да кажам дека ретко кој настан успева да ме трогне на овој начин. Оваа ревија беше една од оние исклучителни моменти кои навистина ме наежија.Воодушевена сум од иницијативата, од енергијата која произлезе од здружението, како и од посветеноста на Жанет и брендот ЕЛЕНА ЛУКА. Овој спој создаде една извонредна синергија и донесе сосема ново искуство.Особено сакам да нагласам дека моделите кои ги видовме вечерва беа пример за тоа како облеката треба да ја носи личноста, а не обратно. Сигурна сум дека ниедна професионална манекенка не би можела да ги изнесе со таква енергија, емоција и сензибилитет како овие жени. Навистина сум искрено воодушевена.„- посочи Снежана Богдановска -Сани- моден новинар.

Преку личните примери на жените кои беа дел од ексклузивната модна ревија на ЕЛЕНА ЛУКА беше испратена силна порака за важноста на раната дијагноза, но и за моќта на поддршката, љубовта и позитивниот дух. Ваквите настани служат како конструктивна платформа за подигнување на свеста за општеството да се ангажира и посвети повеќе на борбата против карциномот.

Бојана Стевческа

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian