Македонската модна сцена добива нова димензија со Топ Модел Европа – еден од најпрестижните интернационални натпревари за модели, кој за првпат пристигнува во нашата земја.
Разговараме со македонската дизајнерка и стилистка Душица Шалева, која го носи ова реномирано натпреварување кај нас. Живеејќи на релација Белград – Париз, таа открива детали за кастинзите, македонските кандидати и можностите што ги отвора Топ Модел Европа.
Пред шест месеци се одржа првиот кастинг за Топ Модел Европа во Скопје. Дали интересот беше според вашите очекувања?
-Првиот кастинг помина одлично! Искрено, бев позитивно изненадена од големиот интерес, особено имајќи предвид дека ова беше првпат во Македонија. Имаше многу девојки и момчиња од различни градови, што покажува дека кај нас има огромен потенцијал за светската модна сцена.
На 13 април ќе се одржи последниот кастинг во Скопје за оваа сезона 2025, па ги поканувам сите заинтересирани да се пријават преку официјалниот сајт и да ја искористат оваа можност за почеток на успешна кариера во модниот свет: https://topmodeleurope.net/.
Кои беа следните дестинации за кастинг по Скопје, и дали има разлики во пристапот кон изборот на модели во различни градови?
-Во оваа прва сезона на Балканот, кастинзи се одржаа во Белград и Загреб. Од следната година, планираме кастинзи и во Софија, Подгорица, Љубљана и Сараево. Разлики секогаш има, бидејќи секој град носи свој моден идентитет, но критериумите за избор остануваат исти – бараме природни, мотивирани и харизматични лица.
Душица Шалева
Што ги очекува избраните модели во следната фаза на натпреварот?
-Натпреварот се одвива во неколку фази. Секој кандидат што ќе помине кастинг добива професионална фотосесија за својата официјална – Топ Модел Европа фотографија. Потоа следи „public vote“ фаза, по што доаѓа полуфиналето каде што моделите посетуваат специјализирани обуки за одење и сценска подготвеност. На крај, се избираат финалистите кои ќе се натпреваруваат за титулата.
Кои критериуми најмногу ги земате предвид при селекцијата на моделите?
-Убавината е субјективна, но ние бараме личности со карактер, природна енергија и вистинска мотивација за успех во модниот свет.
Дали има македонски кандидати кои веќе се издвојуваат како потенцијални финалисти?
-Досега има неколку девојки и момчиња кои се издвојуваат, но една млада девојка навистина привлекува внимание. Веќе ја гледам во Топ 3 на финалето и сум сигурна дека, ако остане посветена и амбициозна, еден ден ќе чекори по најголемите светски модни писти.
Каква е улогата на Македонија во Топ Модел Европа оваа година и што значи тоа за македонската модна сцена? На кој начин ова натпреварување им ги отвора вратите на младите модели кон светските модни брендови?
-Ова е првпат Македонија да биде дел од најголемиот европски натпревар за модели, што отвора врати за младите таленти да излезат од регионалните рамки. Најдобрите учесници од Топ Модел Европа ќе можат да работат во реномирани агенции во Париз, Милано, Лондон и Њујорк, каде што добиваат можности за работа со светски модни куќи и ја започнуваат својата кариера.
Кога и каде ќе се одржи европското финале, и што можат да очекуваат победниците од натпреварот?
-Европското финале ќе се одржи во ноември, во Париз или Брисел. Победниците ќе добијат можност за професионална кариера во модниот свет, со директни конекции со најголемите агенции и модни брендови.
Што би им препорачале на нашите читатели? Зошто треба со нетрпение да го очекуваат финалето на Топ Модел Европа?
-Би им препорачала да го следат натпреварот и да ги поддржат македонските кандидати кои ќе стигнат до финалето. Македонија е мала држава, но има голем потенцијал, и верувам дека сите би биле горди ако некој наш претставник победи на овој престижен натпревар!