Како до детоксикација на организмот и здрава исхрана по празничниот период -Интервју со нутриционистката Симона Коруновска

Руска салата, кифлички, сарми, печено месо, изобилство на млечни и сувомеснати производи- вака отприлика изгледа празничното македонско мени. Голем дел од нас безрезервно уживаат во изобилство на храна која најчесто е масна и калорична.

По празниците често се чувствуваме уморно и подуено. Но, можеби тоа е најдобриот момент да го започнеме патот кон подобра и поздрава исхрана?

Во нашето најново интервју, нутриционистот Симона Коруновска ни открива како да го вратиме балансот во телото и да ја започнеме Новата година со енергија.

Од најдобрите начини за детоксикација на организмот, преку препораки за диета и храна, до важноста на хидратацијата и физичката активност – ова интервју е идеално за сите кои сакаат да започнат со здрава рутина.

Дознајте како да се ослободите од подуеноста, кои намирници да ги избегнувате, и како да изградите навики кои ќе спречат натрупување токсини во иднина.

Симона Коруновска – нутриционист

  1. Зад нас е еден прекрасен празничен период кој меѓудругото го одбележа вкусната, но и масна и калорична храна. Ќе може да ни кажете кои се најдобрите начини за детоксикација на организмот после консумирање на ваков тип на храна?

-Кога станува збор за детоксикација на телото, според мене, одговорот е многу едноставен: доволно вода, многу овошје и зеленчук, храна без конзерванси и доволно сон. Телото секојдневно само од себе прави детоксикација преку повеќе органи: бубрезите, белите дробови, кожата, црниот дроб и дигестивниот систем, па токму затоа најчесто не се потребни никакви посебни препарати и суплементи, освен ако не станува збор за некаков специфичен здравствен проблем.

  1. Ќе може да ни споделите диета или план за исхрана кој помага во побрзо чистење на телото?

– Во однос на диета која би била прилично едноставна за следење би го предложила Медитеранскиот начин на исхрана. Истиот се смета за еден од најздравите начини на исхрана и вклучува лесно достапни намирници за нашите простори: интегрални житарки, мешунки, многу овошје и зеленчук, јаткасти плодови и семиња, здрави масти како маслиновото и млечни продукти кои се богати со пробиотици.

     3.  Кои намирници треба да ги избегнуваме во деновите по празниците, а кои да ги вклучиме во секојдневното мени?

– Како и за празниците, така и во секојдневниот живот на сите им препорачувам да елиминираат намирници со вештачки бои и високо процесирани намирници со многу конзерванси. За сите други типови на храна е потребен само баланс. 😊

  1. Како да се справиме со подуеност и тежина во стомакот поради прекумерно јадење?

– Од подуеноста и тежината во стомакот настанати заради прекумерно јадење најлесно ќе се ослободиме ако воведеме ред во оброците и редуцирање на количината, заедно со веќе споменатата доволна количина на вода, овошје и зеленчук. Од суплементи би препорачала употреба на пробиотик, затоа што целокупното здравје во голема мера зависи од дигестивното здравје според сите истражувања во изминатиов период.

  1. Колку е важна хидратацијата во процесот на прочистување и дали постојат посебни пијалаци или чаеви кои се препорачуваат?

– Хидратацијата е најважниот фактор за нормално функционирање, помага со нормална функција на сите органски системи, а исто така и влијае на апетитот. Чувството за жед многу често знаеме да го замениме со глад, заради близината на центрите во мозокот. Сепак, без вода можеме максимум да живееме 3 дена.

 

  1. Дали е препорачливо да се прави краток пост (на пример, 24-часовен) за да му се даде одмор на дигестивниот систем?

– Краткиот пост е многу индивидуален, на некој може во голема мера да му помогне со самоконтролата, додека кај друг (најчесто жени) може да го покачи нивото на кортизол-хормонот на стрес.

  1. Колкава улога има физичката активност во забрзувањето на метаболизмот и исфрлањето на токсините?

– Физичката активност е многу важен сегмент од целокупниот начин на живот, затоа што ја зголемува мускулната маса. Доволна количина на мускулна маса значи и побрз метаболизам затоа што мускулното ткиво троши повеќе калории и во мирување, за разлика од масното ткиво. Дополнително ни помага со одржување на целокупното здравје, превенирање на многу заболувања, како и подобра координација на движењата.

  1. Дали суплементите за детоксикација се неопходни или може да се постигнат исти резултати со природна исхрана?

-Најчесто суплементи за детоксикација воопшто не се препорачуваат, освен ако не станува збор за посериозен здравствен проблем, каде што лекар би дал препорака за суплемент, кој најчесто е на природна база.

  1. Како да изградиме здрави навики кои ќе спречат прејадување и натрупување токсини во иднина?

-За да изградиме здрави навики пред се мораме да ја промениме перцепцијата за храната. Јадењето е една од најчестите активности што ги правиме, а квалитетот на животот на долг рок зависи токму од изборот на храната. Не треба да заборавиме дека јадеме за да живееме, а не живееме за да јадеме. ☺️

Бојана Стевческа

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian