Канцер, операции и најсаканата личност на континентот: Австралијката на Евровизија со живот како филмска животна приказна

Австралија годинава на Евровизија ја претставува Делта Гудрем , една од најголемите ѕвезди на австралиската музичка сцена, која во Виена пристигна со моќната балада „Eclipse“.

Делта Гудрем во Австралија одамна има статус на музичка икона. Кариерата ја започна уште многу млада, а пошироката публика ја запозна на почетокот на 2000-тите преку улогата на Нина Такер во култната серија Соседи и големиот хит „Born to Try“.

Набрзо го објави дебитантскиот албум Innocent Eyes, кој и денес се смета за еден од најуспешните австралиски албуми на сите времиња. Албумот ѝ донесе бројни награди и ја зацврсти како едно од најважните имиња на поп-сцената во Австралија.

Но нејзиниот живот далеку од тоа дека бил лесен.

На само 18 години ѝ бил дијагностициран Хочкинов лимфом, поради што морала целосно да се повлече од јавноста и да се посвети на лекувањето. Подоцна откри дека токму тој период ја променил засекогаш и ја направил психички многу посилна.

Канцер, операции и најсаканата личност на континентот: Австралијката на Евровизија со живот како филмска животна приказна

По битката со ракот, Делта се врати на сцената уште помоќна, но животот повторно ѝ приреди тежок удар, по операција на плунковна жлезда имала сериозни проблеми со говорот и пеењето, па морала повторно да учи како да го контролира својот глас.

Нејзината приватност отсекогаш била тема за австралиските медиуми. Со години беше во врска со пејачот Брајан Мекфедан, со кого дури беше и свршена, а подоцна кратко време беше поврзувана и со Ник Џонс. Сепак, вистинската љубов ја пронајде со музичарот Метју Копли, нејзин долгогодишен гитарист и музички соработник. Двојката со години ја криеше врската од јавноста, а во 2025 година се венчаа на интимна церемонија на Малта, местото каде што Метју ѝ предложил брак. Австралиските медиуми пишуваа дека Делта сакала свадбата да изгледа „како медитеранска бајка“.

Интересно е што Делта и денес важи за една од најсаканите личности во Австралија, не само поради музиката, туку и поради начинот на кој јавно зборува за болеста, менталната сила и животните падови. Во интервјуа често признава дека токму најтешките моменти ја научиле да живее поспокојно и подлабоко.

Австралија оваа година од неа очекува голем резултат на Евровизија. По првите проби, песната „Eclipse“ предизвика огромно внимание кај фановите, а Делта веднаш почна да се споменува меѓу посериозните фаворити за висок пласман. Нејзиниот настап е замислен како голем визуелен спектакл со драматично осветлување, сенки, пијано и моќен вокал што доминира на сцената.

Н.Т