Ким Кардашијан во драмската серија на Hulu, „All’s Fair“, во продукција на Рајан Марфи, ја толкува улогата на моќна адвокатка. Сега, таа ја става на аукција облеката што ја носеше во серијата, со цел да го зголеми пристапот до бесплатни правни услуги за жени „кои се борат за својата безбедност, за своите деца и за својата иднина“.
„Во ‘All’s Fair’ играм адвокатка која одблизу гледа како правниот систем може или да ги зајакне жените или да ги остави на маргините“, напиша Кардашијан во објава на платформата X. „Но, во реалниот свет, ‘цената на правдата’ е пречка што многу жени едноставно не можат да си ја дозволат.“
Почнувајќи од денес, 27 март, во 9 часот наутро (по пацифичко време), актерката и претприемачка ќе ги понуди на продажба своите модни комбинации од серијата на платформата „Kardashian Kloset“ — веб-продавница што нуди парчиња од личните колекции на семејството Кардашијан/Џенер. Аукцијата ќе трае до недела, 29 март, на полноќ. Сите нето средства ќе бидат директно донирани на Фондацијата за правна помош на Лос Анџелес, изјави Кардашијан.
„Правото на адвокат не треба да зависи од состојбата на вашата банкарска сметка. За многу жени, правната помош е единствениот мост до забрана за приближување, фер договор за старателство или можност да започнат живот одново“, напиша таа. „Поддршката на жртвите значи повеќе од само да им помогнеме да заминат, тоа значи да се осигураме дека нашиот правосуден систем ја препознава реалноста на насилството. Сакаме да обезбедиме дека ‘правда за сите’ навистина значи- за сите.“
Освен што на екран толкува адвокатка, Кардашијан веќе со години активно учи за да стане вистинска правничка. Во 2019 година се приклучи на програмата за правни студии во Калифорнија, а во моментов продолжува да се подготвува за полагање на државниот правосуден испит. Во изминатите години, таа се профилираше и како гласен поборник за реформи во кривичното право и одигра значајна улога во донесувањето на Законот „First Step Act“.
Н.Т