Кој беше Кени Џеј Лејн- вистинскиот „Крал на лажниот накит“ што го демократизираше гламурот

Во 2017 година, во својот њујоршки стан на Менхетен, почина Кени Џеј Лејн, американски дизајнер на костимски накит и една од највпечатливите фигури на високото општество во втората половина на 20 век. Околу него останаа траги од еден исклучителен живот: ориенталистички слики, егзотични уметнички предмети и богатства собрани низ децении гламур, патувања и блиски пријателства со најмоќните жени на светот.

Кени Џеј Лејн направи кариера од нешто што дотогаш се сметаше за второкласно — костимскиот, или „лажен“ накит. Но токму тој го претвори во симбол на стил, моќ и социјален статус.

Негови клиенти беа Првите дами на САД – Жаклин Кенеди Оназис, Ненси Реган и Барбара Буш, кралски личности како принцезата Маргарет, принцезата Дијана и војвотката од Виндзор, икони на Холивуд – Елизабет Тејлор, Одри Хепберн и Грета Гарбо како и легенди на високото општество како Бејб Пејли и Нен Кемпнер.

Во исто време, неговиот накит го носеа и илјадници жени од средната класа, кои го следеа на телевизиската мрежа QVC и ги купуваа неговите парчиња во стоковни куќи и бутици низ целиот свет.

Како што забележа Vanity Fair, „неговиот стил беше неговиот пасош во општеството“. Лејн не само што ги познаваше елитите – тој беше дел од нив. Каде и да патуваше низ Европа, велеле пријателите, првото прашање секогаш било исто: „Како е Кени Лејн?“

Роден во Детроит, Лејн првично студирал архитектура на Универзитетот во Мичиген, а потоа се префрлил на Rhode Island School of Design. Архитектонската дисциплина, чувството за структура, волумен и рамнотежа подоцна јасно се читаше во неговите масивни, скулптурални парчиња накит.

По преселбата во Њујорк, работел во Vogue, а потоа дизајнирал обувки за престижни модни куќи и дизајнери како Delman, Dior, Bill Blass, Norman Norell и Arnold Scaasi. Токму Скааси го вовел во светот на накитот, потег што засекогаш ќе ја смени американската модна сцена.

Лејн често велеше дека не го измислил костимскиот накит, но го направил прифатлив и посакуван, како во 18 век, кога, според него, „сè морало да светка под светлината на свеќите“. Неговата филозофија била јасна: накитот не мора да биде од дијаманти за да биде спектакуларен.

Една од најпознатите приказни што ја илустрира оваа идеја е онаа со Жаклин Кенеди. Кога таа го замолила да направи реплика од ѓерданот Maharani од Van Cleef & Arpels, подарок од Аристотел Оназис, Лејн ѝ понудил избор- да плати за мастер моделот или да го добие бесплатно, доколку му дозволи да продава копии за пошироката публика. Таа се согласила на второто. Неколку години подоцна, како што забележа The New York Times, Жаклин му се јавила по телефон: „Го видов нашиот ѓердан во „Династија“.“ Таа често носела и лажни бисери од него.

Така, гламурот на елитите стана достапен за масите, без да ја изгуби својата магија.

Денес, парчињата на Кени Џеј Лејн се колекционерски, изложувани во музеи и барани на аукции, како сведоштво за човекот што покажа дека „лажното“ може да биде исто толку моќно, а понекогаш и повпечатливо од вистинското злато.

Н.Т