Креативен ден 2025 – моден перформанс во Битола што ќе ги спои образованието и бизнисот

Во Битолскиот народен театар на 28ми мај ќе се одржи модниот перформанс КРЕАТИВЕН ДЕН 2025. На настанот којшто се одржува по четврти пат ќе учествуваат седум средни училишта, девет градови и 15 независни модни дизајнери.

КРЕАТИВЕН ДЕН е мост помеѓу образованието и бизнис секторот, а  целта е подобрување на имиџот и враќање на довербата на модно-текстилната струка помеѓу младиот креативен потенцијал.

Секоја година се изработуваат креации  на претходно зададена тема од професорките на СОУ “Таки Даскало“ од Битола, а оваа година темата е Ориент.

Средношколците работат во тим составен од дизајнер-ментор и модел (Дама, успешна жена, која ја презентира креацијата).

Ученикот има можност да работи со професионален дизајнер,кој го води низ целиот процес на изработка, а Дамата со носењето на креацијата, јавно му го признава стекнатото знаење и вештини на ученикот.

Целиот концепт има висока општествено одговорна и хумана карактерна црта, затоа што, истата таа креација Дамата си ја купува, а средствата како донација се наменети за подобрување на практичната работа во училишните кабинети.

Сите тимови работат на модели кои се инспирирани од ориентот- богатото културно наследство, декоративните елементи , традиционалните ткаени и колоритни мотиви од истокот. Покрај организацијата на модната ревија ќе има и средби и разговори околу дизајнирањето на облека со познати дизајнери од Македонија.

Со ова младите се поттикнуваат на претприемништво, на стручно образование, коешто брзо ги носи до финансиско и кариерно осамостојување.

ВИП гости на модниот настан ќе бидат: ЕЛЕНА ЛУКА, Никола Ефтимов, Ивана Кнез, Татјана Алексиќ и претставници од Текстилен Кластер.

 

 

 

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian