
Куќа изградена над водопад, не покрај него. Не со поглед кон природата, туку вградена во неа. Fallingwater е една од оние архитектонски појави што засекогаш ја сменија дефиницијата за тоа што значи да се живее во хармонија со пејзажот.

Проектирана во 1935 година од Френк Лојд Рајт, оваа куќа во шумите на Пенсилванија не се обидува да доминира над природата, таа ѝ се покорува, ѝ се прилагодува и станува нејзино продолжение. Наместо класичниот концепт „куќа со поглед“, Рајт создава дом што лебди над водопадот, каде звукот на водата е постојан жител, а каменот од теренот влегува директно во ентериерот.
Архитектура што ја негира гравитацијата
Најпровокативниот елемент на Fallingwater се нејзините драматични бетонски конзоли, кои излегуваат над водата без видлива потпора. Во времето на нејзината изградба, ова решение било сметано за речиси невозможно и дури ризично. Но токму таа смелост ја претвори куќата во икона на органската архитектура, филозофија според која објектот и природата се едно нераскинливо цело.
Живот над вода
Живеењето во Fallingwater значи постојан контакт со елементите, терасите се протегаат над водопадот, прозорците се отвораат кон шумата без класични рамки, а ентериерот е дизајниран да тече, без строги граници меѓу просториите, исто како што тече и водата под нив.
Архитектонски канон на 20 век
Денес, Fallingwater се смета за најважната станбена куќа на 20 век, редовно вклучена во сите релевантни листи на најзначајни архитектонски дела во светот. Таа не е само дом, туку манифест, доказ дека архитектурата може да биде тивка, радикална и длабоко поетска во исто време.
Необичност: живот над вода, бетонски конзоли без визуелна потпора
Порака: архитектурата не мора да ја освојува природата- доволно е да ја разбере.
Н.Т
Архитектура што ја негира гравитацијата
Живот над вода
Архитектонски канон на 20 век