Куќата на Одри Хепберн е украсена со рози од култен дизајнер, а кујната е во боја што е голем хит оваа година

Одри Хепберн, жена чија елеганција ја обележа филмската и модната историја на 20. век, својот приватен мир го пронајде далеку од црвените килими- во швајцарското место Толошеназ, во близина на Женевското Езеро.

Токму таму, опкружена со зеленило и Алпите, таа живееше речиси 30 години во вилата со симболично име La Paisible, што во превод значи „мирно место“. Денес, овој историски имот повторно се најде на пазарот на недвижности.

Вилата потекнува од 18. век, а Одри Хепберн ја купила во 1963 година, во период кога почнала да ги намалува своите актерски ангажмани и да се насочува кон семејниот живот. Во овој дом ги одгледувала своите синови, ги минувала деновите во градината и ја градела секојдневицата далеку од холивудскиот гламур, на кој никогаш целосно не му припаѓала.

La Paisible денес се простира на повеќе од 1.000 квадратни метри станбен простор, распоредени на три ката, со вкупно 21 просторија, меѓу кои 12 спални соби и 8 бањи.

Ентериерите низ годините внимателно се реновирани, но го задржале својот изворен карактер, со дрвени подови, камини и големи прозорци што го исполнуваат просторот со природна светлина.

Куќата на Одри Хепберн е украсена со рози од култен дизајнер

Посебна вредност на имотот се крие во градината, која се протега на парцела поголема од 16.000 квадратни метри.

Токму градината била едно од омилените места на Одри, а таму и денес се наоѓаат бели рози со посебна приказна.

Станува збор за рози што ѝ ги подарил Ибер де Живанши за нејзиниот 60-ти роденден, нејзин долгогодишен пријател, моден дизајнер и креативен сојузник.

Нивниот однос ја надминувал професионалната соработка, Живанши за Хепберн ги креирал некои од нејзините најпознати филмски и приватни изданија, а нивното пријателство траело со децении. Тие рози, кои и денес цветаат во градината, се тивок потсетник на блискоста на двајца луѓе кои заедно го обликуваа поимот безвременска елеганција.

Имотот, по смртта на актерката во 1993 година, го сменил сопственикот, а последната поголема реновација била извршена во 2001 година, кога биле додадени современи содржини како загреан базен, лифт и гаражи, без да се наруши историскиот идентитет на куќата.

Според достапните информации, вилата сега се нуди на продажба по цена од околу 19 милиони швајцарски франци, односно приближно 20 милиони евра.

Но нејзината вистинска вредност тешко може да се изрази во бројки – бидејќи La Paisible не е само луксузна недвижност, туку дом исполнет со лични приказни на жена која остави неизбришлив траг во филмот, модата и хуманитарната работа.

За идниот сопственик, оваа вила претставува ретка можност да стане чувар на дел од наследството на Одри Хепберн, наследство кое не се мери со гламур, туку со едноставност, мир и тивка елеганција.

Н.Т