Маратонка со силна цел: Валентина Узунова трча за поддршка на лицата со пулмонална хипертензија

По професија книговодител, мајка на три деца и баба на една внука, Валентина Узунова од Богданци која има 58 години е маратонка и нејзина најголема желба е да им помогне на пациентите со пулмонална хипертензија. Таа сака нивната терапија да се стави на позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување, а за таа цел повеќе години практикува улично и планинско трчање и учествува на натпревари во државата и во соседството.

Валентина Узунова е вистински пример за посветеност и храброст. И покрај тоа што е 58-годишна, таа продолжува да се истакнува во трчањето, што покажува дека возраста не е пречка за постигнување на големи резултати, а особено кога се работи за нејзината страст и издржливост.

Нејзината активност како амбасадор за пулмонална хипертензија е исто така особено значајна. Пулмоналната хипертензија е недоволно позната, а истовремено многу сериозна болест која може да доведе до значајни здравствени компликации. Вклучувањето на Валентина во кампањата за подигање на свеста за оваа болест е важно, бидејќи не само што се ангажира за поддршка на пациенти, туку и го користи својот пример како спортистка за да ги мотивира другите.

Повеќе од разговорот со Валентина Узунова…

Што ве мотивираше да започнете да трчате за поддршка на лицата со пулмонална хипертензија?
-За поддршка на лицата со ПХ ме мотивираше Ѓургица Ќаева откако ја запознав во 2018 година пред Скопски Маратон, тогаш прв пат трчав со маицата со логото на ПХ. Таа година запознав и други кои имаа иста болест, доста од нив има и деца, а немаат лекови на позитивната листа.

Колку години веќе трчате за оваа кауза и кои се најзначајните трки во кои сте учествувале?
-Рекреативно трчам од 2001 година, почнав во околината на моето родно место Богданци. За пациентите со ПХ трчам веќе седум години. Секоја трка успешно завршена е значајна посебно кога освојувам место на подиум бидејќи тоа е и целта да бидам видлива. Повеќе учествувам на планински трки. Меѓу најзначајните трки можам да ги издвојам скопскиот маратон, маратонот во Амстердам, Водно-Матка, трката од Струмица до Гевгелија каде учествувавме преку 100 маратонци и многу други.

 

Како вашата иницијатива помага во подигнување на свеста за пулмоналната хипертензија?
-Мојата иницијатива преку трчањето со маици со логото на ПХ има за цел да подигне свест за лицата кои се соочуваат со пулмонална хипертензија. Преку активна комуникација со организаторите на трки, маратонците и публиката, ги информирам за оваа ретка и сериозна болест. Оваа иницијатива е насочена и кон привлекување внимание од јавноста, медиумите и надлежните институции со јасна цел – обезбедување пристап до неопходните лекови преку нивно ставање на позитивната листа.

Дали сте забележале зголемување на поддршката за лицата со оваа болест во текот на годините?
-Има мало подобрување, некои лекови се ставени на позитивна листа и на медиумите почна повеќе да се зборува за првите симптоми на пулмонална хипертензија. Исто така има и други маратонци кои се приклучуваат кон оваа мисија за поддршка на овие пациенти преку трчање со носење на маица со логото на пулмонална хипертензија.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат пациентите со пулмонална хипертензија во вашата земја?
-Пациентите се соочуваат со сериозни предизвици и секојдневна борба за здив. Нивната физичка активност е значително ограничена, не можат да изодат ни неколку метри, а при тоа да не се заморат. Животот без соодветна терапија за нив е незамислив, но лековите се исклучително скапи, особено кога болеста е секундарна и основниот лек не им следува. За разлика од нашата земја, во другите земји има повеќе можности за нив и поголем пристап до соодветната терапија.

Дали имате контакт со пациенти и како тие ја доживуваат вашата поддршка?
-Имав најмногу контакт со Ѓургица која беше и моја пријателка која веќе е почината. Имам и со други пациенти конткт, разговараме за проблемите и ме поддржуваат во заедничката борба да се избориме за лековите кои за нив значат живот.

Дали имате некоја посебна трка или настан што ви оставил најголем впечаток?
-Посебна трка за мене беше трката со старт од Струмица-Валандово-Богданци-Стојаково-Богородица-Гевгелија со должина од 60 км која се оддржа во 2019 година и учествуваа голем број на маратонци од цела Македонија. Таа трка за мене ќе има секогаш големо значење токму затоа што беше посветена на болните од ПХ и сите заедно бевме сплотени во мисијата да ги поддржиме што повеќе.

Какви се вашите идни планови во врска со оваа иницијатива?
-Секако дека ќе продолжам преку трчањето и носењето маици со нивно лого да ги поддржувам и да ја пренесувам пораката се додека не се избориме за правото на лекување и обезбедување на лековите на позитивната листа.

Kаков е вашиот тренинг план кога се подготвувате за трки?
-Мојот тренинг план започнува секој ден во 5:30 наутро, најмногу се фокусирам на вежбите за сила и издржливост. По завршувањето на работниот ден, излегувам на трчање, притоа често избирам патеки по ридовите и околу ветерниците и уживам во природата.

Како ја одржувате вашата ментална цврстина за време на долги трки или тренинзи?
-За секоја долга трка или тренинг психичката подготвеност има клучна улога. Секогаш се подготвувам однапред да знам што ме очекува во текот на истата. За мене трчањето и спортот се повеќе од само активност, мојата огромна љубов спрема спортот ми дава енергија и мотивација да ги совладам сите пречки додека трчам.

Што е тоа што ви дава дополнителна мотивација за да продолжите да трчате за хуманитарни цели?
-Кога ги гледам пациентите како се борат упорно и храбро со болеста, тоа ми дава најголема мотивација. Секој човек има право на добар и квалитетен живот, здравје и среќа.

Како го балансирате семејниот живот со вашата страст за трчање?
-Кога се има волја и љубов кон трчањето, се е возможно, а и секако со добра организација. Исто така имам огромна поддршка од мојата фамилија која се гордее со моите успеси и со секој напор што го вложувам во мојата борба за постигнување на целите.

Со која организација за поддршка на пациентите со пулмонална хипертензија соработувате?
-Би сакала да им се заблагодарам на „TREX“ кои се организатори на планински трки и со чија помош учествувам на секоја планинска трка како хуманитарен тркач. Ете и они се организација кои помагаат за болните. Во Македонија постои регистрирана организација „Момент Плус“ каде главни организатори се Борис и Ратко Ќаеви. Секој кој има проблем може да им се обрати на нив за помош.

Со својата посветеност на трчањето и на јавната поддршка, Валентина дава пример за упорност, истрајност и храброст, и ја користи својата платформа за да ја подигне свеста и да ги мотивира другите да се борат со здравствените предизвици. Секој нејзин успешен настап на трка е не само спортски успех, туку и важен чекор за подигнување на јавната свест за важноста на превенцијата и третманот на пулмонална хипертензија.

Ивана Вангелова

Фото: Приватна архива

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian