
Темата на овогодинешната Мет гала е „Costume Art“, концепт кој ја истражува длабоката врска меѓу човечкото тело, облеката и уметноста. Наместо модата да се гледа само како визуелен ефект, фокусот е ставен на телото како основа на секоја креација, идеја дека облеката не постои одделно од човекот, туку е продолжение на неговата физичка и културна реалност.
Настанот е закажан денес, конкретно доцна вечерта во средно европско време, а традиционално ќе се одржи во Метрополитен музејот на уметноста во Њујорк.
Ана Винтур е централната фигура која ја контролира листата на гости, концептот и организацијата на настанот, останатите ко-водители (Бијонсе, Никол Кидман и Венсус Вилијамс) се повеќе симболични и културни амбасадори на темата
Тоа значи тие не ја водат организацијата технички, (освен Винтур) туку ја „носаат“ јавната тежина и наративот на настанот.
И додека светот се спрема да види кој што ќе облече, шокира или ќе испрати порака, да видиме што е всушност Мет гала…
Во светот на високата мода постојат ревии, постојат црвени килими и постојат добротворни настани. Но постои и една категорија сама за себе, токму Мет гала. Настан кој секоја година го претвора Њујорк во сцена на спектакл, каде модата не е само облека, туку јазик на статус, влијание и културна позиција.
Иако на површината се претставува како хуманитарна гала вечер, Мет гала одамна е многу повеќе од тоа, внимателно конструиран културен ритуал во кој ништо не е случајно, од списокот на гости, до последниот бод на фустанот.
Почетоците: од донаторски ручек до глобален спектакл
Met Gala започнува во 1948 година под името Costume Institute Benefit, иницирана од публицистката Eleanor Lambert. Целта била едноставна, собирање средства за новоформираниот Институт за костими при Метрополитен музејот во Њујорк.
Во првите децении, настанот бил релативно затворен, локален и елитен, но без денешната медиумска експлозија. Пресвртната точка доаѓа во 1970-тите, кога модната уредничка Diana Vreeland го трансформира во тематски спектакл.
Но вистинската современа дефиниција на Мет гала започнува во 1995 година, со доаѓањето на Ана Винтур.
Ана Винтур, невидливата режисерка на модната моќ
Иако формално Мет гала е организиран од Метрополитен музејот, во практиката една личност има клучно влијание врз секој аспект на настанот, Ана Винтур.
Како долгогодишен уредник на американски Vogue и претседавач на настанот, Винтур е фигурата која го одобрува списокот на гости, има последен збор за масите и брендовите, одредува дел од темата и естетската насока и учествува во финалната визуелна стратегија на вечерта
Во модната индустрија често се вели дека „ништо не се случува во Мет гала без знаење на Ана“. Не затоа што е формален музејски директор, туку затоа што нејзиното влијание врз луксузната мода, медиумите и брендовите е глобално.
Нејзината улога не е само организациска, таа е културен филтер. Преку нејзините одлуки се дефинира кој припаѓа во модниот врв, а кој останува надвор од него.
Токму затоа Мет гала често се гледа и како продолжение на нејзината уредничка моќ или место каде Vogue не само што пишува за мода, туку ја поставува сцената.
Но, каде одат парите?
Иако често се перцепира како „забавна вечер на славните“, настанот има јасна финансиска структура.
Средствата од билетите и спонзорствата одат директно во Costume Institute при Метрополитен музејот. Овие пари финансираат изложби на модна историја, конзервација на историски облеки, истражувања и архивски проекти. Се слеваат милиони долари.
Но критичарите укажуваат дека парадоксот останува, настан што собира милиони за културата, истовремено функционира како симбол на екстремна елитизација.
Што е Мет гала денес?
Модна изложба во живо, медиумски спектакл, социјален индикатор за влијание и внимателно режиран маркетинг на глобалната мода. Секоја година има тема која ја диктира изложбата и го поставува тоналитетот на облеката.
Контроверзи: кога модата станува моќ
И покрај гламурот, Мет гала редовно е предмет на критики. најпрвин, елитизам и затворен круг. Пристапот е строго поканет, што создава впечаток на затворен систем на влијание. Потоа комерцијална заднина- модните куќи плаќаат огромни суми за присуство, што ја отвора дилемата дали настанот е повеќе културен или маркетинг-инструмент. Политика на видливост односно не секогаш уметничкиот придонес е главен критериум, понекогаш тежината ја има и медиумската моќ.
Измамата на спонтаноста
Иако изгледа слободно и креативно, Мет гала е строго контролирана продукција каде изгледите се одобруваат, јавниот наратив се координира, секој момент е дел од поширока стратегија
Она што со години го кажуваат модните критичари е дека Мет гала е повеќе од мода. Тоа е сцена каде се судираат културата, парите и влијанието. А во центарот на таа сцена стои една личност која тивко, но одлучно, ја држи контролата врз визуелниот и симболичкиот правец на настанот- Ана Винтур. И токму затоа Мет гала не е само прашање на стил. Туку прашање на моќ и на тоа кој ја дефинира.
Но… секогаш има но! Оваа година еден од најбогатите луѓе на светот Џеф Безос и неговата сопруга Лорен Санчез ја преземаат улогата на покровители на настанот. Па така, „чуварката на портите„ на Мет гала некои велат дека ја изгуби својата моќ, дека циркузот штотуку почнува и дека и покрај милијардите на Безос, стилот со пари не се купува.
И додека камерите ќе се насочат кон фустаните, накитот и внимателно режираните појавувања на црвениот тепих, вистинската приказна на Мет гала повторно ќе остане зад сцената. Онаа каде списокот на гости не е случаен избор, туку резултат на влијание, односи и внимателно одржувана хиерархија.
Мет гала одамна не е само моден настан, туку затворен систем во кој културата, капиталот и престижот функционираат како една заедничка валута. Сè е визуелно отворено, но структурно строго контролирано, од тоа кој добива покана, до тоа како ќе биде интерпретирана секоја „случајна“ модна порака.
И токму тука се отвора најголемата контроверза, дали гледаме уметност што ја слави модата, или внимателно изграден спектакл кој ја продава илузијата на културна отвореност?
Со влегувањето на нови милијардерски фигури и засилување на корпоративните интереси, прашањето веќе не е само кој ја носи највпечатливата креација. Туку кој, всушност, ја држи контролата врз самата дефиниција на модната релевантност.
А ако модата е огледало на општеството, тогаш Мет гала можеби не ни кажува што е стилот денес, туку нешто многу подлабоко или кој има право да го дефинира.
Н.Т
Контроверзи: кога модата станува моќ