Модна мафија? Како милионски бизнис живее од туѓа креативност

Мода… каде една идеја може да вреди милиони, кражбата на дизајнерски визии и создавањето копии не е споредна појава, туку глобална индустрија. Зад блескавите ревии, ексклузивните ателјеа и гламурозните кампањи постои паралелен систем што живее од туѓа креативност. Од нелегални фабрики што произведуваат идентични чанти и фустани, до fast fashion (брза мода) компании кои за неколку недели „реинтерпретираат“ модели видени на писта, па прашањето не е дали се краде, туку како се краде и колку е тешко тоа да се спречи.

Етаблирани светски медиуми како The Business of Fashion, Vogue, The New York Times, Financial Times и WWD со години анализираат дека модната индустрија е една од најизложените гранки на копирање, токму затоа што инспирацијата и плагијатот често се движат по тенка линија.

Како се крадат дизајнерски визии?

Најчестиот начин е преку визуелно реплицирање на идејата. Тоа значи земање на крој, силуета, пропорции, декоративни елементи, избор на материјал или препознатлив стил и нивно минимално менување за да се избегне директна правна одговорност. На пример, оригинален вечерен фустан може да биде копиран со сменета должина, поинаков патент или различна нијанса, но суштината на дизајнот останува иста.

Друг метод е т.н. „runway-to-retail acceleration“,  практика во која брендови или производители ги следат модните недели во Париз, Милано, Лондон или Њујорк, фотографираат модели, а потоа за рекордно кратко време создаваат поевтини верзии за масовен пазар.

Според анализи објавувани во The Business of Fashion, дигиталната ера дополнително го забрза процесот. Денес доволна е една фотографија од Instagram, TikTok или livestream од ревија за моделот веќе следната недела да се појави како копија во друга земја.

Како технички се создава копија?

Процесот најчесто изгледа вака:

Прво се набавува визуелен материјал – фотографии со висока резолуција, видеа, close-up детали од вез, копчиња и шевови.

Потоа технички тимови прават reverse engineering. Искусни кројачи или pattern makers ја анализираат конструкцијата и според надворешниот изглед создаваат нов крој што изгледа речиси идентично.

Следи избор на поевтини материјали. Наместо свила се користи полиестер, наместо рачен вез машинска апликација, наместо кожа синтетичка замена.

На крај, производството се префрла во фабрики со ниски трошоци за труд, по што копијата влегува на пазарот преку онлајн продавници, социјални мрежи или неформални канали.

Кога е инспирација, а кога е кражба?

Ова е најконтроверзното прашање во модата. Модата историски секогаш позајмувала идеи, од минати декади, етно мотиви, уметност, архитектура. Но кога конкретен модел, специфичен детал или препознатлива естетика се преземаат без трансформација, тогаш многу експерти тоа го сметаат за плагијат.

Vogue често наведува дека проблемот е што во многу земји модниот дизајн нема толку силна правна заштита како музиката, филмот или литературата. Кројот на фустан често е потешко да се заштити отколку логото на брендот.

Зошто е тешко да се запре?

Затоа што модата е глобална, а правото локално. Еден дизајн може да биде создаден во Франција, копиран во Кина, продаван преку сервер во друга држава и испорачан до купувач во трета земја.

Судските постапки се долги и скапи, а трендовите траат кратко. Додека случајот стигне до пресуда, сезоната веќе завршила, а копијата ја остварила заработката.

Најпогодени се независните дизајнери

Големите луксузни куќи имаат правни тимови, буџети и глобално влијание. Но младите и независни дизајнери се најранливи. Нивната идеја може да биде преземена од масовен бренд со далеку поголем производствен капацитет и маркетинг.

The New York Times и WWD повеќепати пишувале дека за малите брендови копирањето не е само морален проблем, туку директен удар врз опстанокот.

Улогата на потрошувачите

Пазарот на копии постои затоа што постои побарувачка. Дел од купувачите свесно бараат „look for less“, односно изглед како луксузен бренд за мала цена. Други пак несвесно купуваат копии преку онлајн канали каде производите се претставени како оригинални.

Новата борба, технологија против копии

Луксузните брендови сè повеќе користат QR автентикација, blockchain сертификати, дигитални пасоши за производи и AI системи што детектираат фалсификати на интернет. Ова, според Financial Times, станува следната голема фронтална битка во индустријата.

Кражбата на дизајнерски визии не е само копирање фустан или чанта. Тоа е присвојување на туѓа идеја, туѓ труд и туѓа креативна инвестиција. Во мода каде оригиналноста е валута, копијата може да изгледа слично, но никогаш не ја носи вредноста на првата замисла. Затоа вистинската разлика меѓу оригинал и копија не е само во материјалот, туку во умот што ја создал идејата.

Н.Т