Најскапата свила во светот, на работ на исчезнување, не може да се купи со пари

Свилата одамна не е непозната во модниот свет. Сатенот, изработен од свила, важи за симбол на луксуз – мек, мазен и пријатен за кожата. Но зад познатата приказна за свилата се крие една речиси митска материја – морската свила, ткаенина толку ретка и вредна што не може едноставно да се купи, туку се смета за културно и историско богатство.

Материјал што не доаѓа од свилени буби

За разлика од класичната свила, морската свила позната и како бисус (byssus) не се добива од свилени буби, туку од школка што живее во длабочините на Средоземното Море- Pinna nobilis.

Оваа школка, под влијание на морските струи и песокот, лачи тенки, свиленкасти влакна со кои се прицврстува за морското дно. Токму тие влакна, по специјален процес, се претвораат во една од најретките ткаенини во светот.

Но процесот не е ниту едноставен, ниту брз. Напротив.

Стотици нуркања за неколку грама

Собирањето на суровината е исклучително напорно. Занаетчиите мора да нуркаат стотици пати годишно за да извлечат едвај 100 до 200 грама влакна. Потоа следуваат месеци обработка, натопување, сушење, чистење, боење и рачно ткаење.

За да се изработи парче морска свила со големина на дланка, потребни се повеќе од шест месеци работа.

Историја долга 5.000 години

Морската свила има историја подолга од пет милениуми. Археолошки и историски записи укажуваат дека облеката на Крал Соломон била изработувана од вакви влакна, египетски кралици и фараони носеле накит и облеки од бисус, папи и свештеници ја користеле во церемонијални облеки Во античко време, оваа ткаенина била резервирана исклучиво за елитата, симбол на божествен статус и моќ.

Единствената наследничка на занаетот

Денес, традицијата е на раб на исчезнување. Една од последните личности што го чува овој занает е Кјара Виго, занаетчија од Сардинија.

Таа лично нурка за да ги собира влакната и инсистира целиот процес да остане рачен, исто како пред илјадници години. Но она што ја прави приказната уште поневеројатна е фактот дека Виго не ја продава морската свила.

За неа, ова не е производ, туку духовно наследство. Таа ги подарува своите изработки, често на луѓе во потреба или институции, сметајќи дека трудот, времето и традицијата не можат да имаат цена.

Колку чини нешто што не се продава?

Иако практично не постои на пазарот, експертите проценуваат дека вредноста на морската свила би можела да достигне десетици илјади евра за мал фрагмент или повеќе од 200.000 евра за целосен текстилен предмет

Но овие бројки се само теоретски. Реалноста е дека не постои вистинска цена, бидејќи материјалот не циркулира комерцијално.

Неколку примероци се чуваат во музеи низ Европа, особено во Италија и Ватикан, но не се достапни за приватни колекционери, дури ни за најбогатите.

На работ на исчезнување

Дополнителен проблем е што школката Pinna nobilis денес е сериозно загрозен вид, поради загадување и климатски промени. Со тоа, суровината станува уште поретка.

Ако не се појави нов наследник кој ќе ја продолжи традицијата, постои реална опасност дека овој занает стар над 5.000 години, ќе исчезне засекогаш.

Луксуз што не се купува, туку се наследува

Во ера на масовно производство и брза мода, морската свила претставува сосема спротивен концепт, бавност, посветеност и духовна вредност. Таа не е само ткаенина. Таа е приказна за човечка упорност, природна реткост и културно наследство што не може да се реплицира.

И токму затоа, морската свила останува најскапата и најнедостижната свила во светот.

Н.Т