Често им се восхитуваме на луѓето што изгледаат силни, насмеани и успешни, без воопшто да знаеме низ какви животни битки поминале за да стигнат до таму каде што се денес. Зад многу насмевки се кријат години болка, неизвесност и тивка борба што никогаш не ја покажале пред светот.
Животот никого не штеди. Но токму начинот на кој се исправаме по секој удар покажува колку сме навистина силни. Наместо да дозволиме трагедиите да нè дефинираат, понекогаш токму тие стануваат темел врз кој го градиме својот карактер.

Таква е и приказната на Мила Арсовска, 42-годишна скопјанка која веќе една деценија живее и работи во Њујорк како фризерка и стилистка. Со години никој не знаел дека зад нејзината професионална насмевка се крие една тешка животна приказна, која таа дури сега одлучи јавно да ја сподели.
Преку GoFundMe кампања, Мила за првпат побара помош за да обезбеди специјална протеза што би ѝ овозможила да живее со помалку болка.
Во своето обраќање таа ја раскажува животната приказна што ја носела во себе повеќе од четири децении.
„По 40 години чекање, конечно имам надеж. Кога имав само 2 години, железничка несреќа ми го промени животот засекогаш. Преживеав, но изгубив дел од стапалото. Од тој ден, целиот мој живот го поминав прилагодувајќи се на попреченоста што влијаеше на секој мој чекор. Додека другите деца слободно трчаа, спортуваа, танцуваа и носеа чевли какви што сакаа, јас научив како да се справувам со болката и да продолжам да се движам напред.
Повеќе од 40 години живеев без протетската поддршка што навистина му беше потребна на моето тело. Научив да одам, да работам и да живеам самостојно затоа што немав друг избор.
Никогаш не сакав мојата попреченост да ме дефинира и напорно работев за да изградам живот за себе.“
На својот Инстаграм профил, Мила открива детали што никогаш претходно не ги споделила со јавноста.
„За новите пријатели, кои не ја прочитале мојата приказна…
Кога имав 2 години, доживеав несреќа со воз. Бев сама, си играв на железничките шини, несвесна за тоа што ќе се случи.
Возот помина преку мене, вагон по вагон, оставајќи ме да се борам за да преживеам.
Заради повредите и компликациите, дел од моето стапало беше ампутирано.
Научив како да одам и да го држам моето тело… Играв одбојка – криејќи дека имам инвалидитет, за да ми дозволат да играм.
Поминав долги години работејќи напорно, само за да се чувствувам еднаква.
И да, еден дечко, еднаш ми рече: ‘Никој нема да се ожени со тебе, затоа што нема да бидеш способна ни да трчаш по сопствените деца’.
Бегав од такви луѓе!
Единствената болка што ја имав беше тоа што… никој не можеше да ми направи соодветна протеза по моја мерка.
40 години подоцна, во мојата потрага се појавија два ангела кои ги имаа одговорите.
Ја најдовме личноста што ќе направи да одам нормално, да танцувам нормално и да имам прсти на стапалата…
Ох, повторно проблем… Осигурувањето секако не покрива кога е правено по мерка и надвор од државата.
Бев лута повторно и повторно. Лута на сите нас кои имаме потреби…
Гледав деца без раце, луѓе без нозе…
Цената е 25.000 долари. И тоа не е еднократно плаќање, ни треба нова на секои 5-10 години.
Па, она што решив да го сторам е… да продолжам да се смеам.
Започнав GoFundMe кампања, која ќе го поддржи моето патешествие.“
Денес Мила работи како фризерка – професија што ја сака, но која подразбира долги часови стоење на нозе. Токму поради тоа, последиците од повредата стануваат сè потешки.
Во својата кампања таа објаснува:
„Моите колкови, колена и грб страдаат од години нееднаков притисок и движење. Она што некогаш беше подносливо, станува сè поболно. Најтешкиот дел е сознанието дека никогаш не престанав да барам помош. Со децении се среќавав со лекари и специјалисти надевајќи се дека некој може да ми обезбеди протетско решение дизајнирано за моите специфични потреби. Одново и одново, ми кажуваа дека нема ништо достапно што навистина би можело да ми помогне.
По повеќе од 40 години барање, конечно најдов специјалист кој верува дека може да помогне.“
Но, специјално изработената протеза, заедно со медицинските прегледи, прилагодувањата и патувањата, претставува огромен финансиски товар. Дополнително, станува збор за решение што треба периодично да се заменува.
И покрај тоа, Мила вели дека конечно има нешто што долго време го немала – надеж.
„Протетиката бара постојана грижа, прилагодувања, одржување и евентуална замена како што телото се менува со текот на времето. Кога се разгледуваат идните замени на секои неколку години, заедно со долгорочната медицинска нега и поддршка, се очекува вкупниот трошок за управување со оваа состојба во текот на целиот живот да биде значителен.
Дури и знаејќи го ова, конечно имам нешто што никогаш не помислив дека ќе го имам повторно – надеж. Шанса да стојам на работа со помалку болка. Шанса да ги заштитам колковите и колената од понатамошно оштетување. Шанса да носам нормални чевли. Шанса да се движам слободно без постојано напрегање. Шанса повторно да танцувам. Шанса повторно да бидам активна. Шанса да се чувствувам повеќе како себеси отколку што сум се чувствувала со децении.
Барањето помош не ми доаѓа лесно. Целиот мој живот го поминав обидувајќи се да се справам со ова сама. Но, по 40 години чекање, не можам да ја пропуштам оваа можност поради финансиски ограничувања. Секоја донација, без оглед на износот, ќе ме доближи до добивање на протезата што би можела да ми го промени животот. Ако не сте во можност да донирате, споделувањето на мојата приказна би значело исто толку. Ви благодарам што одвоивте време да ја прочитате мојата приказна, за вашата љубезност и што ми помогнавте да ги направам првите вистински чекори кон иднина со помалку болка и повеќе слобода. Од дното на моето срце, ви благодарам.“
Приказната на Мила Арсовска е потсетник дека никогаш не знаеме каков товар носи човекот што стои пред нас. Затоа вреди да бидеме помалку склони кон осуда, а повеќе кон разбирање. Зад секој насмеан човек може да стои борба што трае со години.
А понекогаш, најголемата храброст не е да не паднеме – туку, и по четири децении болка, да продолжиме да се смееме и да веруваме дека утре може да биде подобро.